1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Грција - „Вообразениот залечен“

За магазинот „Дер шпигел“ грчкото претседателствување со ЕУ е повод да фрли поглед врз актуелната состојба во земјата која во 2010 година ја турна еврозоната во најтешката криза откако е таа востановена.

Грчкиот премиер Андонис Самарас изјави дека неговата земја внесува „позитивен биланс“ во претседателствувањето, потсетува „Дер шпигел“, па додава: „Со позитивните биланси од Грција е така, што тие најчесто служат како подлога за наредното барање, овој пат за второ отпишување на долговите. Тоа за прв пат тешко би ги погодило даночните обврзници, првенствено германските.

Неспорно е дека Грција направи значителен напредок кај дефицитот, стопанскиот пораст и извозот, постигнат преку кратење на јавните трошоци, пензиите и платите. Годинава стопанството треба за првпат (по избивањето на кризата, н.з.) да забележи пораст од околу 0,6 проценти. Буџетскиот дефицит треба да се намали на два, а во 2015. година на еден процент. (...)

Но, зад овие бројки Грција и натаму е она, што беше: земја без држава, или барем без ефективна држава. Ако се погледаат пониските нивоа на грчката управа, правосудство и политика, мора и натаму да се сомнева дека Грција кога било ќе заздрави. Работите се таму премалку подобрени. (...) Може само да се каже: во грчката управа има премногу бирократи, кои ја бранат нивната бирократија. (...) Така во голема мера останаа присутни и оние проблеми за кои има поплаки во ЕУ од избивањето на кризата во Грција пред околу четири години. (...)

Од агол на гледање на Комисијата на ЕУ, главен проблем останува менталитетот на севкупната политичка класа на Грција. (...) Првенствено недостасува готовност за внатрешно-политички дијалог, компромис и консензус. Наместо тоа, владата на Самарас е радикално напаѓана од левицата и од екстремно десните. (...) Премиерот Самарас го користи стравот на европските партнери од дестабилизација, за да издејствува подобри услови“, се констатира во написот, со повикување на изјави на Самарас за весникот “Катимерини“, дека ќе настојува уште пролетва да се разговара за олеснување на долговите. „Само, кога не би бил притоа во заблуда“, забележува магазинот и ги цитира зборовите на Клаус Реглинг, шеф на ЕСМ (фондот на ЕУ за спас на еврото, н.з.): „Нема отпишување на долговите. (...) Во тоа нема ништо да променат за време на претседателствувањето ни сите средби на ЕУ под грчкото пролетно сонце“, завршува „Дер шпигел“.

„Грчки односи“ и во Германија

Електронското издание на весникот „Ноес Дојчланд“ се задржува на најавеното одење на Роналд Пофала, доскорешен шеф на кабинетот на канцеларот Ангела Меркел, во Управниот одбор на Германските железници, што предизвика големи негодувања и дебата во земјата.

„Колку широко ја отворија овдешните политичари устата заборувајќи за клиентелизмот во Грција. Покрај другото, и за тоа, дека државните претпријатија таму биле сметани за установи за згрижување на заслужни политичари. Тоа била битна причина зошто многу јавни претпријатија работеле неефикасно и правеле дупки во државната благајна. Планираното преминување на Роналд Пофала во Германските железници по малку потсетува на такви состојби. Политичарот на ЦДУ не може да наведе во документите дека има посебни познавања од политиката во областа на сообраќајот. Нему тоа не му е ни потребно - веројатно се доволни добрите лични врски со шефот на Железницата Ридигер Грубе од блажените денови како шеф на кабинетот на канцеларот“.

Стопанството е против популизмот

Главна тема во јавните дебати во Германија и натаму останува наводната опасност од голем прилив на доселеници од Романија и Бугарија, откако со почетокот на годинава и граѓаните на тие земји-членки можат во целост да ја уживаат слободата на движење, населување и работење во целата ЕУ. За прашината што ја крена најмалиот партнер во владината коалиција, баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), во гостински коментар во весникот „Ханделсблат“, раководителот на Одделот за Исток на германското стопанство Рајнер Линднер пишува:

„Во многу прилози во изминатите денови веќе беше укажано, дека слободата на движење и вработување на романските и бугарските граѓани нуди големи предности за германските претпријатија и дека доселувањето на квалификувана работна сила ќе донесе предност во сите области на стопанскиот живот, не само во градежништвото или кај услужните дејности. Но, во тој контекст не би требало да ја заборавиме ни другата страна на медалот. Доаѓањето на стручен персонал од странство, се разбира, обратно води кон губење стручна работна сила во нивните татковини. За Романија, на пример, загубата на квалификувана работна сила е далеку поголема, отколку што таа претставува добивка за Германија“.