1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција: буџетот изгласан, се чекаат парите

Грција мрдна уште еден чекор во обид да ги убеди меѓународните кредитори да ја ослободат следната транша од помошта неопходна за одржување во живот на презадолжената држава.

Владата на Андонис Самарас успеа да обезбеди далеку поубедливо мнозинство во парламентот, за разлика од минатонеделното гласање за буџетските реформи, кога голем број парламентарци на владејачката коалиција ја откажаа поддршката за мерките за штедење. Усвојувањето на буџетот донесе нови протести пред парламентот, каде околу 10 илјади луѓе се собраа да го искажат незадоволството поради предвидените заштеди.

Сега Грција ја очекува следната транша од помошта од меѓународните кредитори во износ од 31,5 милијарди евра, но прашање е кога таа ќе стигне.

Самарас вети дека нема веќе штедење

Грчкиот премиер Самарас вети дека траншата од помошта ќе стигне на време за да ја спаси земјата од банкрот, имајќи предвид дека државата има пари за исплата на редовните трошоци до крајот на неделава.

„Пред само четири дена, ги изгласавме најсеопфатните реформи воопшто. Доколку го примениме она што е усвоено, кратењата кои ги изгласавме ќе бидат последни. Грција го стори она што се бараше од неа. Сега е време кредиторите да ги исполнат своите обврски“, порача Самарас во парламентот пред самото гласање за буџетот.

Нервоза во Атина создаде изјавата на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле кој во неделното интервју за весникот „Велт ам Зонтаг“, порача дека меѓународните кредитори нема да брзаат со одобрување на помошта. На оваа тема треба да се расправа денеска на состанокот на министрите на еврозоната. Но Шојбле, чија земја е најголем поединечен донатор за грчката помош, вели дека најпрво ќе мора добро да се проучи извештајот на тројката ревизори кои ја анализираа состојбата во грчката економија, па дури потоа ќе се знае дали помошта ќе се одобри. Потоа, рече Шојбле, за пакетот мерки ќе треба да се изјасни и германскиот парламент.

Меѓународните кредитори побараа од Атина да го намали националниот долг на 120 проценти од БДП до 2020 година, но тој во меѓувреме е проектиран да се искачи до 190 отсто до 2014 година, тренд што е во голема мерка предизвикан и од постојаниот пад на грчката економија.

Мнозинството Грци со финансиски проблеми

На тоа предупредуваат и грчките опозициски партии, кои остро се спротивставуваат на мерките за штедење, како и на новиот буџет. Според опозицијата, мерките кои ги донесе парламентот само ќе ја продлабочат рецесијата во земјата, која влезе во шестата година, а невработеноста порасна до 25 проценти.

„Вие сте опасност за оваа земја. Поради вас голем број Грци зимава ќе останат без основните средства за живот, бидејќи сте неспособен да преговарате“, му порача на премиерот Самарас, лидерот на опозициската левичарска Сириза, Алексис Ципрас.

Според анкетите во Грција, околу 86 отсто од граѓаните се соочуваат со финансиски проблеми поради лошата економска состојба.