1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грција - безбедносен ризик на НАТО?

Останувањето на Грција во еврозоната не е само економско прашање, туку и геополитичко. Германските политичари стравуваат дека излегување од еврозоната би донесло нестабилност во НАТО. Навистина?

Дискусијата околу Грција во Германија од пред две недели има нова димензија. Не станува збор за тоа дали и кога земјата би излегла од еврозоната, туку дека излегувањето на Атина би можело да значи опасност за стабилноста на ЕУ. Хорор-сценариото во тој случај би изгледало вака: економска нестабилност води до политичка дестабилизација на земјата и немири во регионот. Растечки бранови бегалци поради граѓанската војна во Сирија, или можен напад на Израел врз Иран, тешко би можеле да се запрат на грчката граница, која е и надворешна граница на ЕУ.

Грчкиот министер за внатрешни работи Еврипидис Стилијанидис предупредува: „Ако не сфатиме дека преку Грција се прекршуваат сите видови проблеми кои одат во насока на Европа, нема да можеме да владееме со ситуацијата. Затоа Грција мора да остане економски и политички стабилна. Во спротивно, се плашам дека ќе мора да се соочиме со пропагандистите на исламскиот фундаментализам, со организиран криминал, па дури и со тероризам.“

Pressekonferenz des griechischen Innenministers Evripidis STYLIANIDIS

Еврипидис Стилијанидис

На ваквата грчка аргументација во Германија се приклучуваат пред се‘ политичари од редовите на владејачките христијански демократи и тоа не стручњаци за безбедност, туку експерти за буџетски рпашања или дури и за интеграција. Тоа остава простор за претпоставка дека сакаат да и‘ пружат поддршка на канцеларката Меркел. Таа имено сака да ја задржи Грција во еврозоната. Меѓутоа, во моментов мнозинството од германските граѓани не е убедено дека тоа е неопходно. Дали аспектот на европската безбедност тука може нешто да промени?

Грција не треба да им се препушти на Русите

Аргументацијата не се ограничува само на прашањето на бегалците. Некои политичари посегаат длабоко во кутијата на студената војна. Презадолжена и од Европа исфрустрирана Атина би можела да и‘ се приближи на Москва, гласи тезата. Финансиски потентната Русија во Грција не би се ангажирала само економски. Русија бара итно нова стратешка морнаричка база во Средоземното море, затоа што сириското пристаниште Тартус стана несигурно. Тука добро би дошла една ослабната Грција.

Експертот за безбедност Констанце Штелценмилер оценува дека геополитичката аргументација е „хистерична“. Раководителката на фондот Герман Маршал во Берлин смета дека бегалски бранови од Сирија би можеле да стигнат до Грција и со тоа и до ЕУ, и тоа би бил проблем, но не нерешлив проблем. Таа исто така опуштено реагира и на друго можно сценарио. Резервите на гас и нафта во источното Средоземје би можеле кај фирмите од Русија и Кина да го променат геостратешкото значење на Грција, но сепак препорачливо е „да се зачуваат нервите и да се согледаат шансите што се отвораат за земјата“. Германија, која голем дел од своите потреби покрива со гас од Русија, сепак не е зависна од Москва, нагласува Штелценмилер.

Constanze Stelzenmüller

Констанце Штелценмилер

Таа не може да замисли дека во случај на напуштање на еврозоната Грција би излегла и од НАТО. Сепак, излез од еврозоната би ја продлабочил економската криза во Грција, што пак би можело да има влијание врз безбедносната политика на НАТО: „Тоа, меѓу другото, би значело дека Грција би имала тешкотии во исполнувањето на своите задачи во рамки на НАТО, кои ветила дека ќе ги исполнува во сојузот. Не зборуваме за купување ново оружје, но и за да се одржува тоа што се има и ако нешто треба да се модернизира, тоа е исклучително тешко во вакви услови.“ Според нејзе, проблемите сепак не се неограничени: „Тоа не е пропаст на светот.“

И Кристијан Мелинг, експерт за безбедност во германската фондација Наука и политика, е на мислење дека излегувањето на Грција од еврозоната е пред се‘ економски проблем. Тој смета дека државата во регионот на која треба да и‘ се обрати внимание е Турција: „Во текот на Арапската пролет Турција покажа, а тоа го покажува и сега, во случајот со Сирија, дека е воено енормно потентен партнер во регионот. Но таа не е едноставен партнер, затоа што станува се‘ посилна и посамоуверена.“ Би било добро кога оваа сила и самоувереност би се искористила, со тоа што Турција би се третирала од страна на ЕУ како рамноправен партнер барем во воениот дел. „Зошто да се дава поддршка за партнер како Грција, од кого во моментов не може да се очекува многу? “, прашува Кристијан Мелинг.

Поврзана содржина