1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција бара солидарност со САД

Американскиот министер за финансии Џејкоб Лу ги пофали реформите во Грција за време на неговата посета на Атина. Тој повика на зголемена соработка меѓу САД и Европа.

Само неколку дена по посетата на германскиот сојузен министер за финансии Волфганг Шојбле на Атина, таму вчера (21.07.2013) пристигна и американскиот министер за финансии Џејкоб Лу. Тој го пофали реформскиот курс на грчката влада, но притоа суптилно сугерираше дека има уште многу што да се направи.

„Знаеме дека работите напорно да ја донесете Грција на патека на одржлив развој и просперитет за генерациите што доаѓаат. И после се’, знам дека не сакате да ја оставите незавршена оваа значајна работа“, изјави Лу во разговор со грчкиот премиер Андонис Самарас.

Растот и работните места во фокусот

За радост на грчкиот домаќин Лу во речиси сите свои изјави го споменуваше зборот „раст“ и повика на засилена соработка со Европа. Притоа тој го потврди она за што во Грција долго време постоеше надеж - САД би можеле да извршат притисок врз Европејците за да се олабави сегашната стратегија на ЕУ за брзa фискална консолидација и да се надополни со иницијативи насочени кон раст. САД би можеле да бидат алтернатива за стриктната германска политика на штедење, смета политичкиот аналитичар од Атина Димитрис Циодрас.

Wolfgang Schäble und Jacob Lew in Berlin

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле (лево) и американскиот министер Џејкоб Лу (десно) готографирани на заедничката прес-конференција во април годинава во Берлин

„Германците сакаат да имаат превласт во еврозоната, но САД остануваат најголемата економска сила во светот и се водечки во Меѓународниот монетарен фонд“, вели Циодрас. ММФ има своја сопствена политика во однос на темата Грција, веќе има напразвено притисок врз Европејците во однос на кратењето на долговите, а тоа ќе го прави и во иднина дури и кога Германија ќе се противи на тоа, објаснува аналитичарот од Атина.

При посетата на Атина во четвртокот (18.07.2013) германскиот сојузен министер Шојбле ја изклучи можноста за ново кратење на долговите на кризна Грција. И покрај тоа, тој откри дека од 2014 година би можеле да бидат разгледувани олеснувања на грчкиот долг, ако дотогаш владата на Самарас успее да направи примарен суфицит во буџетот и дополнително на тоа ги спроведе ветените реформи.

Медиумите во Атина постојано потсетуваат на заедничката прес-конференција на Шојбле и неговиот американски колега во април годинава во Берлин. Тогаш Лу се заложи за „засилување на домашната побарувачка во земјите во кои постојат папацитети за тоа“, по што Шојбле објасни дека воопшто не би помогнало „давањето јавни лекции или совети“. И ретходникот на Лу, Тимоти Гајтнер, ги обвини Европејците за запоставување на домашната економија. Новиот американски министер за финансии оди по истата линија. Сепак, аналитичарот Циодрас вели дека за Грција не постои спореден пат за заобиколување на реформите.

Примарен интерес - стабилизирање на еврозоната

USA Jack Lew in Athen 21.07.2013

Џејкоб Лу го пофали реформскиот курс на грчката влада

Лу и Шојбле се согласни во тоа дека „реформите во Јужна Европа се задоцнети“, смета аналитичарот од Атина. Сепак, додека Шојбле обрнува повеќе внимание на тоа реформите паралелно да го следат курсот на штедење, Американците го насочуваат своето внимание на растот. Не станува збор за испраќање пари на југот од Европа, туку за засилување на побарувачката во добростоечкиот Север, односно на некој начин да се направи еден вид на Маршалов план за Југот, со што би се овозможил нов раст, вели Циодрас.

Дека Атина во ваквите значајни теми се потпира на американска помош потврди и министерот за финансии Јанис Стурнарас во едно интервју за весникот То Вима. На прашањето што очекува од кратката посета на американскиот министер за финансии, Стурнарас објасни дека тој си посакува плодна дискусија, со што САД би ги поддржале грчките позиции „колку што е тоа неопходно“.

Грчките коментатори укажуваат дека американската влада примарно не се интересира за грчката економија, туку пред се за стабилноста во целата еврозона.

„Соработката со Европа останува за мене највисок приоритет, бидејќи работните места и растот во САД е тесно поврзан со растот и благосостојбата во Европа“, нагласи Џејкоб Лу при посетата на Атина. Американскиот министер за финансии смета дека растот во Европа и Азија се посебно значајни за светската економија.

Грчко-американските консултации продолжуваат на осми август, кога премиерот Самарас заедно со министерот Стурнарас се очекува да пристигне на средба во Белата куќа со американскиот претседател Барак Обама.