1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грците чекаат чудо

Граѓаните на Грција на предвремени парламентарни избори треба да одлучат кој треба да ја извлече земјата од економска криза. Кои сценарија се можни? Оценки на експертот за ЈИЕ Хајнц Јирген Акст.

ДВ: Професоре Акст потребни ли и‘ се на Грција воопшто овие избори?

Хајнц Јирген Акст: Да, на Грција и‘ се потребни овие избори, бидејќи владата на Пападимос беше потврдена само како преодна влада и потребна е влада, која има легитимација од граѓаните во Грција, а не само да функционира како преодна влада.

Што ги очекува Грците во недела?

Речиси нешто како чудо, решение на сите проблеми. Ако се погледне моменталната ситуација во Грција, може да се заклучи дека од една страна јасно мнозинство од граѓаните велат дека сакаат да останат во ЕУ и во еврозоната, но истовремено, силно се критикуваат сите мерки за стабилизација на буџетот и борбата против високите јавни долгови. Значи се очекува, како што впрочем во Грција во минатото честопати беше случај, речиси невозможното.

Ќе се обидете да прогнозирате? Сметате дека двете големи партии можат да постигнат стабилно владино мнозинство?

Тоа е прашањето кое загрижува, околку кое се кршат копјата на експерите во моментов: Кој всушност е во состојба да формира влада? Ако ги погледнам последните анкети, кои се примаат со резерва, тогаш гласовите би можеле да биде доволни за голема коалиција. Тоа би било меѓу 40 и 45 проценти, можеби нешто помалку. Но, од друга страна: Грција не е земја израсната со коалиција и особено не со голема коалиција. И ако го погледнам лидерот на Неа демократија (Антонис Самарас, н.з.), даде многу изјави, за тоа со што не се согласува кога се во прашање мерките на владата на Пападимос. Но, мораше да покаже консензус и волја за компромис. Оттука голема коалиција, сигурно интерно би била силно оптоварена.

Дали тоа е најдобро сценарио? А кое би било најлошото?

Heinz-Jürgen Axt

Проф. Хајнц Јирген Акст

Мислам дека најлошо сценарио би било ако не може да се формира влада, изборните резултати да се толку расцепкани, да не е можно да се формира коалиција. Можеби би било најпрагматично двете најголеми партии да се приближат една кон друга, оти други алтернативи, така да се каже - коалициона влада на левицата или коалициона влада на десницата, би предизвикале редица проблеми.

Би сакал да наведам само неколку: Коалициска влада на левицата, во која би биле социјалдемократскиот ПАСОК, СИРИЗА, комунистите и други, според анкетите би можеле да освојат околу 35 до 40 проценти гласови, можеби и нешто повеќе, но разликите на ПАСОК и левичарските социјалисти и комунистите се толку силни, што најверојатно меѓусебно содржински ќе се блокираат.

Слично би изгледала и коалициона влада на десницата. Ако десните радикали Златна зора и Лаос коалицираат со Неа демократија со сигурност ќе значи силно поместување кон десно со драматични последици и за позиционирањето на Грција во Европската унија. Но, и тука сметам, дека она што во моментов се претставува како популистичко движење, а кај Златна зора навистина и како десноекстремно движење, тоа со сигурност ќе и‘ штети на Грција и би значело поместување на силите до таа мера в десно, што не може да се очекува ништо добро.

Што би се случило ако од понеделник во Грција навистина не би можело да се состави влада? Сметате ли дека со тоа би се загрозил опстанокот на Грција во еврозоната?

Тоа е нешто за што треба да бидат свесни гласачите. По можност во таков случај ќе биде потребен ефект на учење, ако од изборите во недела навистина произлезе таков катастрофален резултат, тогаш можам да си замислам, дека тоа нема да бидат последните избори во догледно време, туку навистина ќе се тргне во насока на нови избори.

Не можам да си претставам дека Грција навистина, така да се каже, ќе падне во хаос. Тоа мора да биде процес на учење за населението, но и за политичката елита севкупно.

Меѓутоа сметам дека централен проблем во Грција е што мора да се заклучи дека политиката и политичарите на големите партии ПАСОК и Неа демократија не можат повеќе да ги убедат Грците. Протестните партии, кои се етаблираат во моментов, кои имаат се’ поголем одзив, со сигурност не се алтернатива за сигурна влада во Грција. А нова политичка класа, која е во состојба да ги прифати предизвиците пред кои Грција стои во моментов, нејзе се’ уште ја нема. Оттука, сега навистина има процес на развој, раѓање на нова донекаде сигурна политичка класа, и исто така и надвор од Грција мора да се има трпение со оваа земја.

Како би можело да реагира Германија, во случај да се пробијат сили кои се против курсот на штедење, или ако во Атина од понеделник не може да се формира влада?

Германија има сопствен интерес, Грција да остане во еврозоната. Доколку Грција би била во опасност да биде исклучена, би можело да дојде до домино ефект со последици врз Португалија, Шпанија, Италија, можеби дури и Франција. Оттука, со сигурност од страна на владата, но и од други држави, ќе започнат преговори и јасно ќе се укаже дека од интерес на Грција е да се следат плановите за консолидација, но и дека од интерес на другите земји е да се консолидира Грција и да се задржи во еврозоната. Дури и ако има нестабилна влада во Атина треба да се смета на тоа, дека ќе се продолжи со досегашниот курс.

Политикологот и експерт за Југоистпочна Европа Хајнц Јирген Акст ја држи катедрата за Европска интеграција и европска политика при универзитетот Дуизбуг/ Есен и е вицепретседател на Друштвото за Југоисточна Европа.