1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грците треба уште да го стегаат ременот

Парламентот во Атина усвои нов пакет мерки со кој ќе ги зголеми приходите од данокот. Со тоа Грција во справувањето со должничката криза ги исполнува условите кои и‘ ги поставија меѓународните кредитори.

Со гласовите на пратениците од трите владејачки партии, грчкиот Парламент одобри нови даночни измени, кои се наменети да донесат во буџетот 2,3 милијарди евра оваа година.

Мерките се дел од обврските на Грција кон меѓународните кредитори. Законот, кој е изгласан рано денеска (12.01.2013), ја измени шемата за оданочување на доходите, се зголемува данокот на недвижниот имот и корпоративниот данок и се проширува даночната основа, за да бидат вклучени некои групи.

Согласно прифатениот текст, Грците кои заработуваат повеќе од 42.000 евра годишно ќе бидат оданочени со нова даночна стапка од 42 процента. Претходно највисоката даночна стапка изнесуваше 45 отсто за приходи над 100.000 евра. Владата најави дека со новиот закон ќе се намали данокот за работниците и пензионерите со заработувачка под 25.000 евра годишно.

Расте данокот на обрт за претпријатијата, од сегашните 20 на 26 проценти, а треба да бидат укинати бројни посебни правила во законот за данок. Целта на пакетот реформи е поедноставување на даночниот систем и проширување на даночната основа.

Даночната реформа е дел од пакетот мерки за штедење во вредност од 13,5 милијарди евра, кој Атина го прифати во ноември минатата година за да добие дополнителни кредити од ЕУ и ММФ, со цел да избегне банкрот.

По макотрпните преговори владата во Атина минатиот месец од некои земји од ЕУ, ЕЦБ и ММФ доби нова транша од кредиотот од 34,3 милијарди евра. Во наредните месеци на Грција треба да и‘ бидат ставени на располагање дополнителни 15 милијарди евра. Претставниците на синдикатите велат дека предводените мерки пак ќе ги погодат најмногу сиромашните, ќе ја продлабочат рецесијата и невработеноста.