1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грците се чести гости во Гевгелија

Најјужниот македонски град, Гевгелија, е многу привлечен за Грците од пограничните населени места, но има посетители и од Солун. Грците доаѓаат во четврток, кога е пазарен ден или за викендите, поради пониските цени.

Грците ја „окупираат“ Гевгелија, особено за викендите. Најчесто ги посетуваат стоматолошките ординации, фризерските салони и бензинските станици, помалку маркетите за храна, бутиците за облека и продавниците за бела техника. Најпривлечни им се коцкарниците.

Во непосредна близина на центарот на Гевгелија се наоѓа берберскиот салон „Ѕоне“, сопственост на Ѕоне Марков. Повеќе од десет години чести муштерии му се Грци од Кукуш, Јаница, Солун и други погранични места. Тука потстрижување чини 2 евра, а бричење 1,5 евра. Цената е трипати пониска од цените во Грција, оценува Ѕоне, додека бричи еден муштерија:

„Доаѓаат многу од нив, во Гевгелија ги има секој ден, а најмногу во четврток и за викендите. Ако не се тие, лошо ни се пишува нам, на занетчиите. Во градот има голема безработица и ние едвај ќе преживееме“, вели Марков за Дојче веле.

Малку понатаму, во строгиот центар на градот, е маркетот „Супер Тедико“. Една од менаџерките на маркетот, која сака да остане анонимна, за ДВ револтирано раскажува:

„Во последниве години имаме се' помалку потрошувачи од Грција. Секаде во Европа се наплаќа и во евра, ама не и кај нас, зошто во последно време строго ни забрануваат пазарните инспектори кои вршат често контроли. Грците не сакаат да разменуваат евра во менувачниците, па поради неможноста да платат во евра нам често ни се случува за жал да ни остават полна количка со производи, па на наша штета и сечени сувомесни и млечни производи.“

Griechen in Gevgelija

Грци доаѓаат секојдневно на кафе

Во бутиците, иако поретко, најмногу се купува за децата и младите. Марија Карајанова од бутикот „Мак фешн Сторм“, вели:

„Во нашиот бутик претежно купуваат младите од Грција. Сега е веќе зимска сезона, па најбарани се блузите, туниките, јакните и капутите. Овде цените се далеку попристапни за нив отколку во Грција.“

Многу од Грците го посетуваат Градскиот пазар, а најмногу ги има во четврток, кога е пазарен ден и за викендите, но и секој ден. Купуваат се’ - од компири, марула и млад кромид, до јужно овошје - банани, мандарини, портокали.

Спасо Трајков, кој продава домашно вино и ракија, е задоволен:

„Купуваат многу и вино и ракија, ама најмногу ракија - мастика која е слична на нивното узо, затоа што тука цената е наполу пониска и чини 3 евра за литар. Ги има секој ден, да не се тие ќе има само една тезга. Вака се‘ е преполно и од тезги со продавачи и од купувачи од соседна Грција.“

Најинтересни се казината

Грците ги посетуваат и играат во бројните спортски обложувалници. Но најмногу од се’ во Гевгелија ги привлекуваат казината со ресторан и хотел - двете кои се малку подалеку од градот „Фламинго“ и „Принцес“, како и „Аполонија“ во строгиот центар на градот. Најмногу ги има за време на викендите, а гевгеличани оценуваат дека Грците доаѓаат зашто за „пет-шест евра можат и да се коцкаат и да јадат“.

Allee in Gevgelija, Mazedonien

Грците купуваат и изнајмуваат станови во Гевгелија

Кога ги посетивме казината за време на викендот беа преполни со играчи, но никој од Грците не сакаше јавно да говори за ДВ.

Во строгиот центар на Гевгелија сосема солидно работат и бројните кафулиња и кафе барови. Еден од менаџерите, Ненад Милосављевиќ, од кафулето „Корзо“, појаснува дека Грците доаѓаат секојдневно, најчесто на кафе. Тој додава:

„Во викендите навечер имаме гостување и на диџеи од Грција, а свират и наши, македонски бендови и се' е полно“.

Становите во Гевгелија одат „како алва“

Во последниве години за Грците од пограничните места во Гевгелија и околината се' поактуелно е изнајмување на стан во текот на целата година. Дел од жителите на градот со кои разговаравме велат дека месечно изнајмување стан чино од 100 до 150 евра, додека во Грција е неколку пати поскапо. Еден гевгеличанец раскажува:

„Многу често овде стан изнајмуваат грчките пензионери, па затоа нема станови за нас. Освен во Гевгелија, ги има и во селата и населените места како Смоквица, Негорци, Стојаково и се' е полно.“

Во Гевгелија добро работат и стоматолозите и фризерските салони. Има над 20 стоматолошки ординации, а само во ноември се отвориле нови четири фризерски салони. „Значи добро им оди, но нашата општина треба да изгради и подобра стратегија за привлекување на што е можно повеќе гости од соседна Грција“, заклучува пазарен инспектор, кој сака да остане анонимен.