1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грците се притиснати до ѕид

Да се остане во еврозоната или не? Дали е подобро враќање на драхмата, или монетарната унија сепак е подобрата опција? И ако е подобрата, тогаш за кого е така? Грците немаат многу избор, оценуваат германските весници.

Грците се притиснати до ѕид - без кредити се заканува банкрот, со кредити растат долговите, коментира весникот „Ди Велт“:

„Две години по почетокот на итната помош за Грција, Атина е во толкав економски, политички и општествен ќорсокак, што никој не знае како и кога ќе почне да оди на подобро. И тоа е така, независно од тоа дали Грција ќе се откаже од својата кредитна и реформска програма или ќе продолжи со неа, дали ќе остане членка на еврозоната или не... Дури и ако една грчка влада продолжи со кредитната програма и санацијата, нема да има голем простор за дејствување. Зашто и покрај кредитите за помош, Атина живее од денес за утре. Од 19 март, Грција во рамки на втората програма за кредити и санација (со вкупен обем од 172 милијарди евра), покрај милијардите за банките, доби и три рати од ЕФСФ, во висина од вкупно 13,4 милијарди евра. Лавовскиот дел од тие пари не завршија во џебовите на грчките службеници или пензионери и нема да бидат искористени за инвестиции кои би го извлекле стопанството од криза. Атина, наместо тоа, со новите милијарди ги враќа главно старите долгови - државни обврзници кои треба да се платат, а кои и‘ припаѓаат на ЕЦБ или на други централни банки, како Бундесбанката. Според истражувањата на ’Велт’, од 5,9 милијарди што Грците ги добија на 19 март, 5 милијарди веднаш се дадени за исплата на долгови. Од 4,2 милијарди евра што Атина ги доби минатата недела од ЕФСФ, се‘ и‘ се враќа на ЕЦБ и другите централни банки во Европа. И покрај тоа, Грција на крајот на 2012 година повторно ќе има планина долгови, која ќе изнесува 160 проценти од економското постигнување - така прогнозира Европската комисија. Тенденцијата на грчките долгови во 2013-та ќе биде исто така - многу растечка. Со оглед на овие бројки, многу е тешки да се убедат нормалните Грци дека штедењето и реформите се исплатат. Дури и ако тие не се викаат Алексис Ципрас.“

Во коментарот на Флоријан Едер во истиот весник на истата тема, под наслов „Реформите се без алтернатива“, се вели:

„Грците се тие што треба да одлучат дали ќе го задржат еврото или не. Одлуката би требало да може да се донесе лесно. Земја од која бега капиталот, земја во хаос, земја во сиромаштија и тоа се‘ трајно - тоа би бил резултатот од излегување од монетарната унија. Богатите ќе се снајдат, уништени ќе бидат оние чие богатство е мало или кои не се мобилни и кои ќе чекаат плати од платежно неспособна држава. Какви предности би имале Грците од излегување од монетарната унија? Ниту една, освен што ќе бидат задоволни што им се тргнале од глава мерките за штедење кои претежно се доживуваат како диктат.“

„Ханделсблат“ констатира дека враќање на Атина на драхмата не е опција: „Грција треба да остане во еврозоната, во тоа партнерите се единствени, но без курс за штедење и реформи не оди ништо. Затоа министрите за финансии ја притискаат Атина да се држи до договореното.“

„Зидојче цајтунг“ ја поставува дилемата - „Драхма или евро“ и веќе во поднасловот констатира: „’Исфрлете ги надвор’ не смее да биде опција - Грција уште долго нема да пропадне“:

„Проблемот на Грција е проблем на Европа - во добри и во лоши времиња. Ако Атина излезе, грчката ќе стане европска трагедија, со јасна порака: Почна ерозијата на еврото - ве поздравија шпанските банки... Драхма или евро - новиот европски раководен двоец Меркел - Оланд треба да даде одговор на почетокот на својот заеднички пат.“

Ананлизирајќи ги можните последици од евентуално исфрлање на Грција од еврозоната, „Шпигел онлајн“ оценува:

„Ако Грција не се држи до задачите за штедење, ќе биде затворена славината за пари. Последица од тоа би бил банкрот на државата, а грчката влада ќе мора да ја воведе драхмата. За разлика од минатата година, ова сценарио во меѓувреме речиси воопшто не предизвикува возбуда. Она што до пред неколку месеци од економистите и политичарите беше опишувано како крај на еврозоната, одеднаш важи за пат што е можно да се изоди, и тоа пат кој и не е најлош. За тоа има две причини: Прво, по отписот на долговите на Грција направен во март, расположението во европските влади е видливо променето - приватните доверители на Грција беа принудени да се откажат од речиси сто милијарди евра, но паника на финансиските пазари изостана... Второ, еврозоната сега е подобро ’вооружена’ - Грција би можела да биде првиот тест за новата европска финансиска архитектура заснована врз Европскиот механизам за стабилност ЕСМ.“