1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грците преживуваат со германски пакети со храна

Финансиската криза драматично ги осиромаши Грците. Невработеноста расте, а редовите пред народните кујни се се’ подолги. Две црковни заедници од Германија одлучија да помогнат.

default

Магловито и студено време го пречека првиот камион со помош од Франкфурт во Солун. Шоферот Атинагорас Цилиаскопулос изгледа пресреќен.

„Отпрво се работи за чувство на радост, затоа што се‘ пристигна според планираното. Но, во исто време имам и чувство на тага, затоа што Грција станува зависна од странска помош за да преживее“, вели Цилиаскопулос.

Во пристигнатите две илјади пакети кои се наменети за најзагрозените во Солун, има млеко во прав, тестенини, ориз и други намирници. Пакетите ќе им бидат поделени на црковни општини кои секојдневно делат храна за најсиромашните. Дневно околу две илјади Грци доаѓаат во црковните кујни за да се прехранат тие и нивните семејства.

„Има организации кои секојдневно обезбедуваат топол оброк за преку 150 луѓе. Порано во овие кујни доаѓаа претежно странци, но сега околу 80 проценти се Грци. Тоа е многу депримирачки“, вели Цилиаскопулос.

Griechenland Athen Bettler Armut Hunger

Долги колони пред народните кујни

Во подрумот на црквата Свети Терапон е многу раздвижено. Неколку готвачки подготвуваат Пастицио, грчки тестенини. Елени Папајанаки е пресреќна поради пристигнувањето на новата пратка помош.

„Ме израдува пристигнувањето на помошта, особено затоа што многу Германци донирале пакети. Можат да бидат сигурно дека се’ ќе биде правилно употребено“, вели готвачката.

Редот пред кујната е долг. Гостите влегуваат еден по еден, се запишуваат во листата и потоа подаваат пластичен сад кој готвачката го полни со храна. Една од нив е 37-годишната Вула, мајка на две малолетни деца. Веќе две недели таа секојдневно доаѓа во црквата за да обезбеди оброк за неа и за децата.

„Мојот маж од неодамна остана без работа, а и јас сум без работа. Месечно имаме околу 600 евра трошоци за кирија и сметки. На почетокот ми беше малку смешно кога доаѓав тука, сега веќе се навикнав“, вели Вула.

Помошта ќе продолжи

Armut in Athen Griechenland

Помош за Грција пристигнува од различни краишта на Германија. Организацијата „Северна Германија и‘ помага на Грција“ од Хајлигенхафен неодамна испрати големи количества хигиенски артикли, лекови и облека во земјата. Се на се’, повеќе од 4 тони артикли.

„Со оваа пратка ќе можеме да им помогнеме на голем број луѓе кои не само што се сиромашни, туку и останаа без здравствено осигурување“, вели Софиа Гаране од организацијата „Лекари од целиот свет“.

Едно е сигурно: ова не е последната голема акција за помош за Грција.

„Пресреќен сум. Никогаш не помислив дека ова може да функционира толку ефективно. Очекувам дека, кога ќе се вратиме и ќе информираме како минала посетата, целата акција за помош ќе добие уште пошироки димензии“, вели Хајнер Вилкен од организацијата „Северна Германија и помага на Грција“.

Автор: Вики Катопи/Б.Георгиевски

Редактор: Симе Недевски

Поврзана содржина