1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грците жртвуваат многу, вели Самарас

Грчкиот премиер Андонис Самарас ја уверуваше германската канцеларка Ангела Меркел дека неговиот народ „жртвува многу“ за да излезе од должничката криза и да ја врати довербата на пазарите.

Самарас, кој во Берлин учествува на бизнис конференција, пред средбата со Меркел изјави дека неговата земја ги имплементира клучните реформи и покрај тоа што најголемиот товар паѓа врз грбот на обичниот народ.

„Сакам да појаснам дека нашата земја презема огромни напори, кој што оди рака под рака со огромни жртвувања, за да се вратиме на вистинскиот колосек“.

„Сакаме да го вратиме кредибилитетот и кај другите народи во Европа и на пазарите“.

Самарас истакна дека се преземаат „серија систематски мерки“ кои ќе гарантираат „обезбедување на ликвидност, што е основа за секоја здрава економија“.

„Тоа се, заедно со инвестициите, двата клучни елементи за нашата земја- земја која многу страда, пред се’ во однос на невработеноста и тоа кај младите луѓе“, рече Самарас.

Економски раст и работни места

Меркел најави дека со Самарас ќе дискутираат за напредокот на Грција во фискалната политика.

„Заинтересирана сум да слушнам за напредокот во имплементацијата на реформите во Грција, а од друга страна да информирам каква економска состојба очекуваме ние во Германија, затоа што и ние мораме да сториме се’ што можеме за да обезбедиме економски пораст и работни места“, рече Меркел.

Меркел стана омразена фигура во Грција поради инсистирањето за кратења во буџетот во замена за помош од ЕУ, а и самата се соочи со насилни протести во Атина за време на нејзината последна посета во октомври минатата година.

Минатиот месец лидерите на ЕУ се согласија да одобрат дополнителни 49 милијарди евра помош за Грција во замена за нови мерки за штедење. Досега, Грција веќе доби помош во износ од 34 милијарди евра и се надева на уште 9,2 милијарди до крајот на месецов, доколку ги спроведе фискалните реформи.