1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грците ги чека остар курс на штедење

Грција мора да преземе уште подрастични мерки за штедење за да добие странска финансиска помош за надминуавње на должничката криза. Германија настојува до идната недела да го отвори патот за нејзиниот дел од помошта.

default

За да се спасат од државен банкрот, Грците мораат да се подготват за драконски резови и уште поостар курс на штедење. Кон условите за добивање на меѓународната финансиска помош за кои грчката влада преговара со претставниците на ММФ спаѓаат намалувањето на платите и на пензиите, кратење на работни места во јавните служби како и ново зголемување на даноците и цените, беше соопштено по кризната средба во Атина меѓу претставници на владата, синдикатите и претпријатијата. Програмата за санација би можела да служи како пример за другите европски држави, како на пример Португалија и Ирска, кои истотака се борат да спречат должничка криза.

Инаку синоќа во Атина имаше протести против мерките за штедење на Грчката влада кои прераснаа во нереди. Полицијата употреби солзавец да ги растера демонстрантите, а притоа немало повредени.

Германската влада пак вложува напори за до крајот на наредната недела да биде усвоен неопходниот закон за германската помош за Грција. По Бундестагот и советот на покраините Бундесратот сигнализираше согласност по скратена постапка да донесе одлука за законот за итните кредити за Грција.

Грција мора да ја прифати сопствената одговорност

Меѓутоа опозициските партии на Социјалдемократите, Зелените и на Левицата сепак го оставаат отворено прашањето дали ќе ја одобрат помошта за високо задолжената земја. Така СПД најави дека ќе гласа за законот само ако владата во решението на кризата ги вклучи и деловните банки и ги заузда финансиските шпекулации. Според мислењето на сојузниот претседател Хорст Келер во сопствен интерес на Германија е да придонесе кон стабилизацијата на Грција: „Грција мора да ја прифати сопствената одговорност. Таа разбирливо очекува помош за самопомош. Германија треба од сопствен интерес да даде придонес за стабилизација на ситуацијата“ порача германскиот претседател Хорст Келер.

Финаниски експерти и политичари во Европа критикуваат дека Германија си остави многу време за размислување за помошта за Грција и со тоа и самата сноси вина што финансиската криза толку бргу се прошири.

Автор: СН/ГБ/дпа/дв

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM