1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грците во Њујорк на проформа-средба?

Синоќа во Њујорк посредникот во грчко-македонскиот спор околу името, Метју Нимиц, имаше одвоени средби со македонскиот преговарач Зоран Јолевски и грчкиот-Адамантиос Василакис.

default

Посредникот во спорот за името, Метју Нимиц

Под мотото „идентитет и дигнитет” во истовреме во Њујорк во приватната канцеларија на специјалниот ополномоштеник на генералниот секретар на ООН за решавање на грчко-македонскиот спор, Метју Нимиц се состана со македонскиот преговарач, амбасадорот Зоран Јолевски. На истата локација, предпладнето Нимиц разговараше и со грчкиот преговарач, амбасадорот Василакис, во одвоена средба.

Македонските права и грчката политика

Со македонскиот преговарач, Нимиц се задржа повеќе од еден и пол час, додека со Василакис тој разговараше 80 минути. Веднаш по излегувањето од состанокот, Јолевски за Дојче веле изјави дека главниот ОН медијатор – мошне внимателно ги сослуша македонските аргументи, но повторно ги избегна поединостите на тие разговори:

Matthew Nimitz UN Sondervermittler in Mazedonien

Метју Нимиц и Зоран Јолевски (архива)

„На средбата со амбасадорот Нимиц го информирав дека владата на република Македонија останува посветена на процесот под покровителството на Обединетите нации, за да се најде заедничко прифатливо решение, кое што ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на граѓаните на Република Македонија, во согласност со меѓународните норми и меѓународното право”, кажа Јолевски.

Инаку, не е сосема јасно, зошто преговарачката двојка – Јолевски и Василакис воопшто планираа одвоени средби со амбасадорот Нимиц. Дали медијаторот на Обединентите нации ќе успее во текот на денешниот ден да организира и трипартитна средба, беше вистинска дипломатска мистерија, за која ниту едната страна не сакаше експлицитно да се изјасни.

Грците преокупирани со економската криза

Меѓутоа Јолевски остави посилен впечаток, дека Скопје, всушност повеќе ја посакува таквата средба. Додека пак, грчките медиумски извори истакнуваат дека Грците сосема се фокусирани на нивната економска криза. Тие, практично, уште еднаш се согласија за нова рунда на преговори само на проформа основа. Кризата им послужи како алиби овие преговори однапред да ги прогласат како не толку многу важни.

Јолевски истакна:

„Очекуваме одлуката на Меѓународниот суд на правдата да придонесе за зајакнување на билатералните односи мегу двете земји, а во врска со разговорите, му ги пренесов (на Нимиц – заб. авт.) ставовите на Владата на Република Македонија за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение”.

Компромис се‘ уште не е на повидок

Како што дознаваме, уште на 5-ти декември лани, од кога беше изречена пресудата на Меѓународниот суд на правдата во полза на Република Македонија, македонската страна испрати писмо до медијаторот Метју Нимиц, во кое – официјално е побарана нова рунда на преговори, што резултираше со вчерашниот состанок во Њујорк.

Namensstreit - Gespräche

Нимиц со Адамантиос Василакис на една од поранешните преговарачки рунди

Но, ниту овој пат, се чини нема многу да се одмине од она што дури некој го гледаат како грчкиот обид за „купување на време”. И покрај тоа Јолевски сакаше да остане позитивен:

„Во текот на разговорите стана збор и за тоа, дека прием на Република Македонија во НАТО ќе придонесе на стабилноста во цела Југоисточна Европа”, кажа тој.

Според некои дипломатски толкувања, одлуката на Меѓународниот суд на правдата со која Грција нема право да го блокира приемот на Македонија во НАТО –отвара додатна можност на наредниот самит на Северноатлантската алијанса, кој ке се одржи во мај месец во Чикаго – на дневен ред сепак да се стави ова прашање.

Но, сега-засега, најголемиот успех од оваа рунда преговори помеѓу Скопје и Атина би можел да се состои во меѓусебна согласност, македонската и грчката влада, да му бидат домаќини на Нимиц наредниот месец. Датумот на тоа патување на главниот ОН-медијатор во регионот, се‘ уште не е прицизиран овде во Њујорк.

Автор: Ерол Авдовиќ

Редактор. Ж.Ацеска

DW.COM