1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грците во страв од иднината

Грција тоне се’ подлабоко во финансиската и економска криза. Неизвесноста тешко ги погодува граѓаните. Како изгледа нивното секојдневие?

default

Марија Кавамаки се буди изутрина оптоварена од нејзината најголема грижа - стравот да не го загуби работното место. Како секретарка таа заработува илјада евра нето. Нејзините примања се битни за семејството, за да може да го отплатува купениот стан.

„Мојот работодавач, едно проектантско биро, живее од налозите добиени од владата, а тие ќе бидат целосно скратени. Поради тоа треба да добијам отказ веќе во декември. Но, работава оди уште понатаму - сега повторно морам да одам кај шефот. Се плашам од лошо“, вели Марија.

Нејзиниот сопруг Лукас Сволиантопулос секој ден оди на работа со лошо чувство. Тој има авто-сервис во централниот дел на Атина. Прометот последните недели е опаднат за 30 проценти, а тој приходите ги дели со брат му, се жали Лукас.

„Луѓето го поправаат само апсолутно најнужното - промена на масло или слично. Речиси никој веќе не го одржува својот автомобил како што треба. Порано ми остануваа најмалку 1200 евра месечно, сега се просечно можеби 700 до 800. Тоа ни предизвикува огромни проблеми“.

Griechenland Land und Leute Athen Akropolis Metro

Без перспектива за иднината

Попладнето Лукас Сволиантопулос ги зема ќерката и други деца од роднини од градинка. За тоа нужно му е потребен автомобилот, инаку поради високите цени на горивото го користи колку што е можно поретко. Тој штеди секаде каде што може. Второ дете не доаѓа предвид.

„Се разбира, би било убаво, но не можеме да си го дозволиме. Би било дополнителен товар за нас и не би било убаво за детето“.

Децата, како и секој ден, ги носи кај мајка му. Тоа е уште традиција во Грција. Помошта од баба не е битна само за згрижување на децата, туку семејството на Сволиантопулос не би можело да излезе на крај и без финансиската помош од неа.

„За првпат во животот толку многу се плашам за иднината на моите деца и внуци. Со мажот ми секогаш моравме да се бориме. Тој веќе одамна е починат, а јас сум пензионерка. Но, сега гледам црно на иднината, тоа ми го кине срцето. Нема воопшто никаква перспектива“, вели бабата Анастасија Сволиантопулос.

ATHENS GREECE Passerby in Panepistimiou Street, Athens center. (C) NIKOS PILOS

Заминувањето во странство како единствена опција?

Семејството си ги средува сметките.

„Значи, што имаме - за струја, вода, телефон... “

Соседите им се потсмеваат дека водат книга на расходите, оти тоа не е типично за Грците. Во времето на драхмата семејството можело повеќе да си дозволи, понекогаш оделе на јадење во ресторант.

„Не е ни толку лошо да се има националната валута, оти таа нуди една важна предност: земјата сама го одредува менувачкиот курс и може и да ја девалвира својата валута за да го поттикне извозот. Поголем извоз е решавачки за излегување од кризата“.

Лукас Сволиантопулос, 37-годишен, смета дека е време да се погрижи за иднината. Тој планира да се отсели во Австралија и веќе ги има подготвено документите. Сака да оди во Мелбурн за на лице место да ги провери можностите за работа. Таму има тетка, кај која ќе се смести. Ако најде соодветна работа, неговото семејство ќе ја напушти Грција.

„Не е лесно да и’ го свртиш грбот на татковината. Но, што да правам? Несигурноста не ми остава избор - треба да го исхранам семејството, а ситуацијата овде нема да биде подобра во догледно време. Морам да му понудам перспектива на моето дете. Значи, ми преостанува само да се отселиме“.

Автор: Милтијадес Арсенопулос / Зоран Јордановски

Редактор: Сие Недевски