1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грците бараат олеснувања, Европејците се колебаат

Помалку заштеди кај службениците, повеќе пари за невработените - новата влада во Атина сака да го ублажи курсот на штедење. Истовремено се надева на преговори со меѓународните кредитори, за да добие на време.

Да се тргне „по патот на порастот“, „неправедноста да се отстрани“, да се водат „нови преговори“ со меѓународните кредитори - се чини како трите партии на новата грчка влада да сакаат да го вратат времето. Да, конзерватиците, социјалистите и демократската левица сакаат Грција да остане во еврозоната. Меѓутоа документот за нивната стратегија, кој сега се обелодени, укажува дека постои широка палета на желби за промени, кои го ставаат под знак прашање договорениот спасувачки пакет.

Намалување на даноците

Главна цел е да се сопре кратењето на платите и пензиите, стои во коалициониот договор објавен вчера. Според него, треба да бидат укинати и некои даноци. Предвидено е намалување на потрошувачкиот данок во гастрономијата и земјоделството. Владата нема да спроведува натамошни отпуштања во јавните служби и покрај тоа што намалувањето на државниот апарат е во фокусот.

Новата влада под Андонис Самарас посакува и дополнителни две години за спроведување на строгите финансиски реформи, за да ја поттикне побарувачката, развојот и вработувањето, се вели во договорот. На овој начин би можеле да бидат постигнати финансиските цели без натамошни кратења на платите, пензиите и јавните инвестициски програми. Наместо тоа, владата сака да сопре непотребно расфрлање, да ја зајакне борбата против корупцијата, да спречи затајување на данок.

Продолжување на помошта за невработените

Regierungsbildung in Athen Griechenland

Премиерот на Грција Андонис Самарас

Владата на Грција се залага за поправедни социјални решенија за примателите на пензија и ниски плати. Помошта за невработените наместо една година, како досега, да се исплаќа две години. Поддршка би требало да добијат и самостојните, кои ја загубиле својата работа. Владината коалиција најви дека тарифните договори треба повторно да се доведат на европско ниво и да се проверат кратењата на минималните плати. Како последица од преговорите за вториот спасувачки пакет минималната плата во моментов изнесува 580 евра. Тоа е кратење од 22 проценти. Голем број, во моментов обврзувачки, даноци на имот треба да бидат заменети со една единствена стапка.

Планирани се исто така „нужни мерки“, преку кои треба да се обезбеди снабдување на болниците со лекарства. Истовремено владата сака да се придржува до кратења во здравствениот сектор.

Европа резервирана за грчките барања

Дали кабинетот навистина ќе успее да ги реализира посакуваните прилагодувања не зависи само од проценката на меѓународните доверители. Германија инсистираше на тоа Грција да се придржува до договорените цели за штедење. Контролорите од ЕУ, Европската централна банка и ММФ, кои утре требаше да пристигнат во Атина за да ја инспицираат финансиската состојба и да ги обноват разговорите по речиси двомесечниот прекин, ја одложија посетата за неколку дена. Програмата на тројната коалиција во Атина во четврток ќе треба да се докаже пред европските партнери на самитот на ЕУ. Од здравствени причини меѓутоа, новиот премиер го откажа учеството на претстојниот самит.

Од Брисел стигнуваат сигнали дека евентуално би можело да и‘ се излезе пресрет на Атина со пролонгирање на рокот, но не и и за договоорените мерки. Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој меѓутоа денеска предупреди  од преголеми отстапки за грчката влада. „Мора да се зeме предвид, дека поголема флексибилност за временскиот рок за спроведување на реформите ќе значи поголеми финансиски напори за земјите членки“, изјави Ван Ромпој за весникот „Велт ам Зонтаг“.

Германската канцеларка Ангела Меркел, противник на посебните грчки желби, в среда (27.06) патува за Париз да го подготви самитот на ЕУ со францускиот претседател Франсоа Оланд.