1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Грците бараат креативен начин да го изразат гневот

Економската помош ќе помогне за избегнување банкрот, но нема веднаш да донесе економско олеснување за грчките граѓани. Едни гневот го изразуваат со протести, други со сатира, песни, па дури и опера.

Натоварени со долгот, исправени пред сиромаштијата, понижувани од остатокот од Европа – дел од Грците одлучија да одговорат на ситуацијата со опера. Таа е комедија. Триумфалниот марш од „Аида“, но не со труби, туку со казуа.

Како и оригиналната верзија на Верди, така и адаптираната, е за покорувачите и робовите, но овде покорувачот не е египетски фараон, туку таа улога му е доделена на шеф на Европската централна банка претставен како Германец, кој доаѓа во Атина да го реши должничкиот проблем. Харалампос Гојос е продуцент.

„Имаше многу разговори за нов вид на германска окупација на Грција. Тоа ја одразува вистината. Грчкиот народ чувствува дека не е господар на својата судбина и живот“, вели Гојос.

Комичната опера е копродукција меѓу германски и грчки оперски компании. До сега се изведува само во Германија.

„Германците не само што се смееја, туку бодреа и аплаудираа, па тропаа и со нозете. Сите по шоуто ни приоѓаа и се обидуваа да зборуваат на грчки. Мислам дека тоа промени нешто“, вели продуцентот Гојос.

Шоу ги критикува Грците

Symbolbild Griechenland Athen Schuldenkrise

Мрачната песна „Тепсија“ го отсликува чувството на Грците

Наскоро операта доаѓа и во Грција. Тогаш ќе се види дали и Грците ја доживуваат толку смешно, како Германците. Сигурно дека Грците во минатото ја видоа и смешната страна на кризата. Минатата година во Атина голем хит беше едно сатирично шоу наречено „Фондацијата“, кое претставува сатира за наводно гласно врескање на Германците и исфрлање на Грците од Атина. Но, шоуто ги критикуваше и Грците за недостатокот на дисциплина. Јанис Саракацанис е еден од актерите.

„Бидејќи сфативме дека секогаш наоѓаме некого да обвиниме, сакавме барем да направиме шоу и да отидеме во публиката и да кажеме – ваша е вината! Ах, вие Грци“, театрално објаснува Саракацанис. „Грци, пазете се – во вашата средина има...повеќе Грци“, вели актерот во шоуто.

Ако шоуто минатата година предизвика воодушевување во јавноста, годинава доживеа апатија. Невработеноста се искачи на 21 процент, а од нив 45 проценти се млади луѓе, мерките за штедење се заострија, а даноците се покачија и Грците го загубија апетитот за сатира, вели Јанис.

„Политичката сатира личи како да правите шега за некој што е починат. Веќе не е толку смешно. Веќе е проблем и луѓето стравуваат“, вели актерот.

Васо Кавалиерату, уште една од актерите, вели дека сатирата била полесна во првите денови од кризата. И покрај се’, верува дека работите ќе се подобрат.

„Мислев, се надевав дека нешто ќе се промени. Сега првпат навистина не знам што ќе се случи и ова е страшно – да“, вели актерката Кавалиерату.

Песната „Тепсија“ ја опева грчката мака

Griechenland Parlament Athen Proteste

Дел од Грците на креативен начин, преку сатира и песни, го изразуваат револтот

Една мрачна песна, наречена „Тепсија“, се чини дека одговоара повеќе на националното расположение. Меѓу строфите има стихови како „сиромаштија и ќорсокак, планетата Земја крвари, има тага и горчина на пристаништата“.

Не дека Грците ќе гладуваат, но по повеќе од четири години рецесија, притисокот врз нивниот животен стандард добива на темпо. Деспина Кацоунба е професионален археолог. Неодамна нејзината плата била преполовена. Ефектот од кризата го чувствува и нејзината седумгодишна ќерка.

„Таа многу сака да чита. Она што ме прави многу, многу гневна е што минатата година купував книга секоја недела. Сега не можам да си го дозволам тоа. Таа ми бара книга, а јас не можам да и‘ го пружам тоа“, вели Кацоумба.

Многумина Грци одлучија својот гнев да го изразат преку песни, сатира или други форми на уметничко изразување. Грците се чувствуваат како да висат на јаже и веројатно е дека ќе продолжат и со протестите.

Автор: Стивен Беард / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска