1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грузиската опозиција на улици

Повеќе илјади припадници на грузиската опозиција и ноќеска ги продолжија протестите против претседателот Михаил Саакашвили. Тие сакаат да останат пред парламентот се‘ додека шефот на државата не поднесе оставка.

default

Барања за оставка на Саакашвили

Опозицијата најави дека ќе остане пред зградата на парламентот се‘ додека шефот на државата не поднесе оставка, поставен му е ултиматум до денеска попладне да го каже својот став.

Ако грузискиот претседател не го почитува ултиматумот за оставка, опозицијата најави дека и натаму ќе продолжи со протестите.

Саакашвили пак, денеска повика на дијалог со опозицијата. „Немаме друга алтернатива освен дијалог и поделба на одговорноста“, изјави тој пред новинарите, барајќи „единство во политичкиот спектар“.

Вчера (09.04.2009) низ целата земја на улиците на демонстрации против претседателот Михаил Саакашвили излегоа околу 100 илјади луѓе, барајќи излез од внатрешнополитичката криза. Саакашвили се‘ до денес опуштено реагираше на барањата за негово заминување од функцијата. Во демократијата секој има право да го каже своето мислење, потенцираше тој. Опозицијата му префрлува дека води авторитарна политика.

Proteste in Georgien

Илјадници луѓе ноќта ја поминаа во протести

Авторитарна власт

Саакашвили дојде на власт во 2003 година по масовните протести на повеќе од сто илјади луѓе во Тбилиси против тогашниот претседател Едуард Шеварнадзе. Сегашниот шеф на државата има мандат до 2013 година. По војната во Кавказ во летото 2008 година, тој е засилено изложен на критики и од Запад, постојано ветува демократски реформи, а опозицијата го обвинува дека не ги спроведува. Иако главната вина и‘ се припишува на Русија, на товар на Саакашвили се става и војната во август со оваа земја, по која Москва ги призна за независни држави регионите Абхазија и Северна Осетија, кои се отцепија од Грузија.

Западот инаку со внимание ја следи ситуацијата во државата со 4,5 милиони жители, зашто нафтоводите од Каспиското море поминуваат и низ Грузија.

ЖА/дпа/ап/афп/ројтерс




DW.COM