1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски чека одговор од Самарас

Македонскиот премиер изјави дека се‘ уште не добил повратен одговор по писмото кое му го испрати на грчкиот колега, во кое го повика на директни преговори за спорот за името.

Македонија ги исполни критериумите за почеток на преговорите со ЕУ и за членство во НАТО, меѓународното право е на наша страна, што е потврдено и од судот во Хаг, но и покрај тоа Грција ја блокира македонската евроатлантска интеграција. Инициравме поинтензивен дијалог, испратив писмо до грчкиот премиер, се‘ уште нема одговор, но се надевам дека ќе биде позитивен, изјави македонскиот премиер Никола Груевски по средбата во Вилнус со неговиот литвански колега Алгирдас Буткевичиус.

„Меѓународното право е на наша страна, но членството на Грција во ЕУ и НАТО е на нивна страна. Моќта на ветото што ја имаат е на нивна страна. Се обидуваме да иницираме дијалог со нив што претставува најголемиот проблем во моментот бидејќи имаме чувство дека не се толку фокусирани на решавањето на ова прашање и дијалогот со нас“, изјави Груевски.

Македонскиот премиер вели дека се‘ уште го чека одговорот од Самарас.

„Досега се‘ уште немам одговор, а помина околу една недела откако го пратив писмото и се надевам дека во следните денови ќе добијам позитивен одговор. Ако има позитивен одговор и ако започнеме со интензивен дијалог, можеби постојат шанси да се дојде до решение бидејќи до решението може да се дојде само преку дијалог, а ако нема дијалог нема решение. Ако има дијалог има шанси за решение“.

Литванскиот премиер Буткевичиус нагласи дека неговата земја како членка на Вилнус  групата, активно го поддржува приемот на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Очекуваме целосно да се имплементираат европските стандарди и правила, како и одржување на одлична билатерална соработка. Ја поздравуваме ангажираноста и посветеноста на македонската Влада за создавање соодветни услови за слобода на изразување, како и слобода на медиумите. Исто така многу сме задоволни што Македонија го спроведува проектот за градење капацитети за членство во ЕУ и очекуваме негова успешна имплементација“, рече Буткевичиус.