1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: САД, Германија и Франција да ја притиснат Грција

Македонскиот премиер Никола Груевски, кој е во посета на Велика Британија, во интервју за „Фајненшл тајмс“ изјави: Можностите за решавање на спорот за името во моментов се најлоши.

Можностите за решавање на грчко-македонскиот спор околу името се најлоши во последниве 18 месеци, а за да се дојде до решение ќе мора да има интервенција на САД и водечките сили во Европа, вели македонскиот премиер Никола Груевски во интервју за „Фајненшл тајмс“. Според Груевски, грчката и македонската влада направиле одреден напредок кон компромис, кога премиер на Грција беше социјалистот Јоргос Папандреу од 2009. до 2011. година, но овој напредок отишол во обратна насока по доаѓањето на конзервативецот Андонис Самарас на функцијата во јуни 2012. година.

„Ситуацијата може да биде деблокирана ако Грција дојде под притисок од земји како САД, Германија и Франција. Но, ако не дојде до ова, тогаш тоа нема да се случи“, изјави Груевски за „Фајненшл тајмс“.

Весникот пишува дека Груевски вината ја префрлил врз Самарас, обвинувајќи го дека заземал „една од најрадикалните позиции што Грција воопшто ги имала во историјата на проблемот“. Оваа расправа ја парализира интеграцијата на Македонија во безбедносните и економски структури во Европа, односно Грција ја блокира младата држава да влезе во НАТО и Европската унија (ЕУ). Македонија е кандидат за прием во ЕУ од 2005. година, но формалните преговори за членство никогаш не започнаа, пишува „Фајненшл тајмс“.

Во исто време соседите на Македонија, особено Бугарија и Грција, гледаа со загриженост како Никола Груевски, премиер од 2006. година, и неговата владејачка партија имаат прифатено поостар национализам, кој ги велича Македонците на сметка на етничките малцинства во државата, пишува британскиот весник. Понатаму, „Фајненшл тајмс“ забележува дека контроверзниот архитектонски редизајн на Скопје, главниот град на Македонија, вклучува колосална статуи на Александар Велики и неговиот татко, Филип II Македонски, кои се слават како симболи на новата држава, за сметка на бесот на Грците, кои ги почитуваат како старогрчки херои.

Според „Фајненшл тајмс“, Груевски негира дека проектот, кој е познат како Скопје 2014 и чија цена достигна неколку стотици милиони евра, бил одговорен за засилувањето на грчкиот став во спорот за името.

„Откако ја создадовме нашата сопствена земја, мислевме дека ќе биде добро да има 20 или 30 статуи на луѓе од нашата историја. Нашата идеја никогаш не беше да се предизвикаат проблеми со Грците“, изјавил Груевски.

На прашањето каков притисок би сакал тој да види врз Грција, Груевски рекол дека големите сили треба да ја потсетат Атина дека Меѓународниот суд на правдата, не мешајќи се во спорот за името, донесе одлука во 2011. година дека Грција не беше во право кога ја блокираше апликацијата на Македонија за членство во НАТО три години претходно, пишува „Фајненшл тајмс“.

„Би сакал да видам притисок кој ќе води во насока на почитување на одлуката на МСП. Барам почитување на меѓународното право. Инаку, што е тогаш поентата на судот, и што е поентата на меѓународното право?", запрашал македонскиот премиер.

Најновите предлози за решавање на спорот за името беа изнесени во април од страна на Метју Нимиц, американски дипломат кој е специјален претставник на ОН за ова прашање. Тој предложи државата треба да го има името „Горна Република Македонија“ во мултинационалните односи, но дека земјите би можеле да го користат терминот Република Македонија во билатералните односи со Скопје, ако тие тоа го одбрале.

Овие предлози беа одбиени од страна на Грција, која јасно стави до знаење дека сака едно име за сите употреби и инсистираше на идејата за - Република Горна Македонија, но овие предлози се покажаа како неприфатливи за Груевски и неговата влада, заклучува „Фајненшл тајмс“.

Поврзана содржина