1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: Решение за спорот, без да се создадат нови проблеми

Македонскиот премиер Никола Груевски, во однос на преговорите за решавање на спорот за името истакна дека Македонија работи да се најде решение, но предупреди дека е важно притоа да не се создаде нов проблем.

default

Никола Груевски

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска (28.02.10) оствари работна посета на тетовскиот регион и во оваа пригода одговори на неколку новинарски прашања сврзани со текот на преговорите околу името со Грција. На прашањето на Дојче веле како го коментира силниот притисок на кој е изложен од меѓународниот фактор, но и од коалициониот партнер – Демократската унија за интеграција, до јуни да се изнајде решение, односно тој да попушти, Груевски кажа: „Ние не гледаме така на работите, ние настојуваме да решиме еден крупен проблем – проблемот со името, но на таков начин што нема да создадеме уште еден нов, покрупен проблем, кој би создал една непријатна ситуација, а која што не ќе можеме да ја решиме со децении. Работиме напорно во врска со ова. Не мислиме дека ниту ДУИ, ниту која и да е друга политичка партија, сака повеќе или помалку Македонија да стане членка на Европската унија. Значи, не велам ниту повеќе ниту помалку. Сите подеднакво сакаме Македонија да стане членка на НАТО, да ги почне и да ги заврши преговорите за членство во Европската унија, затоа што тоа ќе донесе одредени придобивки, но сме внимателни во заштитата и на другите државни и национални интереси.“ изјави Груевски.

Во врска со прашањето дали смета дека може до јуни годинава да се изнајде решение за овој спор со Грција Груевски нагласи: „Јас се’ уште немам остварено контакт со Нимиц ниту директно ниту посредно преку нашиот преговарач Јолевски. Мислам дека тој денес патува за Њујорк и се надевам дека наредната недела тој ќе оствари некаков контакт со нашиот преговарач Јолевски, за да му ги каже импресиите од средбата во Грција и кои се намерите за натаму. “

Во одговорот на едно од новинарските прашања дали ќе свика лидерска средба во врска со најновите напори на посредникот Нимиц да се дојде до заемно прифатливо решение за името со Грција, македонскиот премиер одговори: „Не планираме таква посебна средба со лидерите на партии во земјата, но, таа може да се одржи, ако биде потребно.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска