1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: Промените во ВМРО-ДПМНЕ ќе траат до јули

Македонскиот премиер Никола Груевски најави дека покрај најавените разрешувања и назначувања на околу 150 функционери на различни нивоа, ќе има и внатрешни промени во владејачката партија.

„Некогаш е потребно да се направи чекор назад за да може човек да стави линија и да се подготви за нови идни предизвици. Тоа се чекори кои паралелно како функциите на државно ниво ги правиме и ќе ги правиме на ниво на партија“, изјави денеска (22.04) премиерот Груевски, кој присуствуваше на започнувањето на градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Покрај најавените разрешувања и назначувања на околу 150 функционери на различни нивоа, главно во вториот и третиот ешалон, според него, веќе неколку недели е почната и операцијата за промена на околу две третини на општинските комитети. Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ истакна дека новиот бран ќе ја зафати партијата и внатре, но оние кои сега се на функција, а кои ќе бидат заменети и понатаму ќе бидат луѓе кои активно ќе работат во партијата и на кои ВМРО - ДПМНЕ ќе смета во иднина.

Тој најави дека се очекува целокупната промена да заврши до јули, а истовремено да се заврши и промената на околу 150 функционери, чиј почеток е најавен за крајот на април или почетокот на мај. Истражувањата се веќе направени, подвлече премиерот Груевски, и имаме веќе претстава како ќе се движат работите во наредниот период.

Направени се сериозни анализи и проценки за тоа каде треба да се изврши промена, потенцира Груевски, со тоа што на некои места, како што појасни, се одело по природата на нештата затоа што одреден претседател на општински комитет станал пратеник или е определен на друга функција.

„Некаде беше и заради потреба од освежување со нови луѓе, кои ќе донесат и други нови луѓе. Промената на претседател на општински комитет не е промена само на еден човек, туку промена и на голем дел од структурата на раководството во општинските комитети, а тоа понекогаш има влијание и врз месните комитети“, образложи Груевски.