1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски пред Парламентарното собрание на СЕ

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска (07.10) ќе има обраќање пред ПС на Советот на Европа. Тој синоќа ја отвори изложбата: „Културата е значајна - места во ЈИЕ вклучени во светското наследство на УНЕСКО“.

default

Синоќа ја отвори изложбата на ЈИЕ во Стразбур, денес ќе зборува пред ПС на СЕ - Никола Груевски

Премиерот Никола Груевски, денес, по обраќањето пред паневропската асамблеја, сигурно ќе биде испрашуван од пратениците од 47 земји членки на Советот на Европа и за тоа - дали дијалогот за изнаоѓање на решение за проблемот со името оди во добра насока. Неговиот настап ќе биде проследен со големо внимание, бидејќи ставовите кои ќе бидат изнесени од говорницата во Стразбур, ќе дојдат само десетина дена откако пред Организацијата на Обединетите Нации во Њујорк, грчката страна го прикажа проблемот со името не само како билатерален, туку како и регионален проблем. Пред три дена, од истата говорниц,а шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски оцени дека „може да се постигне договор со Грција според меѓународното право“ и воедно побара „да се почитува правото на граѓаните и на нациите да го изберат своето сопствено име“.

Останува да се сослуша дали Груевски ќе даде нови појаснувања на македонската позиција во спорот со името и за можните сценарија за евроинтеграциите, откако германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле индиректно му порача на Милошоски дека засега не треба да се очекува датум за преговори поради грчкото противење, како и тоа дека Македонија покрај тоа што треба да го одржи дијалогот со Грција, треба и да продолжи и со реформите кои ги бара Европската унија.

Die Ausstellung in Straßburg über SOE Weltkulturerbe und Weltnaturerbe

Изложбата е организирана од постојаните мисии при СЕ на Австрија, Македонија, Албанија, БиХ, Србија, Хрватска и Црна Гора

Покрај обраќањето пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, Груевски ќе има и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со претседателот на ПС на СЕ Мевлут Чавашоглу, како и со претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан-Пол Коста.

Културата ги поврзува земјите од ЈИЕ

Синоќа, во Палатата на Европа во Стразбур, македонскиот премиер Никола Груевски, заедно со претседателот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, Мевлут Чавушоглу, по чија покана се наоѓа во Стразбур, ја отворија изложбата на фотографии насловена „Културата е значајна – места во Југоисточна Европа вклучени во светското наследство на УНЕСКО“.

Изложбата е организирана од постојаните мисии при Советот на Европа на Австрија, Македонија, Албанија, БиХ, Србија, Хрватска и Црна Гора.

Зборувајќи за разноликоста на културното и историско наследство на Република Македонија, премиерот Никола Груевски при отворањето на изложбата истакна :

„Во секој дел на Европа постои богатство кое не‘ потсетува што е наше, но исто така и што е универзално, што не‘ зближува и поврзува. Како што има истакнато еден од креаторите на Европската унија Жан Моне „ако можам да почнам повторно, би почнал со културата“, јас само ќе додадам дека од културата исто така треба да продолжиме.“

Претседателот на ПС на СЕ, Мевлут Чавушоглу поздравувајќи го дијалогот и позитивниот развој во регионот на Југоисточна Европа, за што сведочи и самата изложба, нагласи:

„Затоа сметам дека оваа изложба не претставува само културен, туку и политички настан, кој оди во добра насока.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска