1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски очекува реакција од средбата со Пападимос

Македонскиот премиер очекува реакција од неодамнешната прва средба со преодниот грчки премиер Пападимос. Груевски го поздрави и отпочнувањето на дијалогот на високо ниво со ЕУ, како извонредна можност за Македонија.

default

Никола Груевски, премиер на Р.Македонија

Претседателот на македонската влада Никола Груевски денеска изјави дека неодамнешната средба со грчкиот премиер Лукас Пападимос во Брисел имала информативен, запознавачки, но и сериозен карактер и оти на неа се и разговарало за одделни аспекти на проблемот со името.  

„Средбата имаше сериозен карактер, имаше и запознавачки карактер, бидејќи првпат се гледаме, информативен карактер за тоа што се случувало во минатото, како се одвивале работите. Имаше и малку посуштински карактер, да речеме, кога разговаравме за одделни аспекти на проблемот“, рече премиерот Груевски.

Во овој момент, посочи тој, не би сакал нешто посебно да коментирам, бидејќи тоа беше прва средба помеѓу двајцата премиери. „Би почекал да го видам фидбекот од средбата. Би требало да оставиме некоја недела да видиме, дали ќе има некој позитивен одговор од таа средба кој што ќе ги динамизира понатамошните наши контакти и ќе даде некој резултат кој ќе биде на задоволство на двете земји“, изјави премиерот Груевски.

Македонскиот премиер истовремено оцени дека отпочнувањето на дијалогот на високо ниво со ЕУ,  е една извонредна можност за Македонија, што подолг период ја посакува.

„Многу сум среќен што минатата година во Охрид се доворивме со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, додека да се расчистат работите поврзани со нашата блокада од страна на нашиот јужен сосед треба да отпочнеме еден процес, којшто земјата реално ќе ја придвижи. Реалното придвижување ќе значи дека оној момент кога ќе се откочи процесот и ќе треба да започнат преговорите најголем дел од тоа што ќе треба да се преговара и да се исполни, ќе биде веќе можеби завршено. Нашата цел е да не стоиме во место“, рече премиерот.

Груевски, кој ќе го предводи македонскиот тим, рече дека за време на дијалогот ќе бидат отворени можеби најважните теми и оти од ЕУ Македонија очекува и нови идеи и помош за земјата да ги динамизира реформските чекори во тој правец за да ја подобри целокупната слика, но и животот на граѓаните.

Автор: АТ/ СН/ миа

Редактор: С.Недевски