1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски не сака да ја игра „играта на Атина“

Македонскиот премиер Никола Груевски во наредните месеци ќе се воздржува од секакви коментари кои се однесуваат на спорот за името со Грција или се од суштинско значење на односите меѓу двете земји, одлучил кабинетот.

Премиерот Груевски во наредните месеци нема ни да одговара на прашањата на новинарите на темите во врска со спорот за името.

Ова е одлучено во кабинетот на македонскиот премиер во острите реакции од грчката страна на владиното соопштение по средбата на премиерот Груевски со генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун.

Како што соопштија од владата, целта на ваквиот потег е да не се остави простор изјавите на премиерот Груевски да бидат користени како алиби за дефокусирање од билатералниот спор.

„Со еден ваков гест би сакале да ставиме крај на играта на обвинувања која што јужниот сосед упорно ни ја наметнува“, велат од владата.

Покрај ова, Груевски понуди и неколку датуми кога е подготвен да се сретне со неговиот грчки колега Андонис Самарас.

„Во интерес на засилување на дијалогот помеѓу двете земји и создавање на позитивен импулс и амбиент премиерот Груевски му нуди на грчкиот премиер Андонис Самарас повеќе термини за меѓусебни средби, и тоа: 2. август, 15. август, 2. септември, 15. септември, но и било кој друг термин или локација кои што би биле определени од грчка страна. Премиерот Груевски заради давањето висок приоритет на ова прашање изразува подготвеност да откаже било какви претходно закажани активности, патувања или посети, доколку тие се поклопуваат со евентуално предложен термин од грчка страна“, велат од кабинетот на Груевски.

Ban Ki-moon und Nikola Gruevski

Македонскиот премиер Никола Груевски и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Скопје, архива

Коментирајќи ги грчките реакции на владиното соопштение по средбата Груевски – Бан, од владата велат дека премиерот посочил на факти што се утврдени од претставник на Обединетите нации.

„Сведоци сме на прилично остри и неконструктивни реакции од грчка страна поврзани со содржината на разговорите помеѓу премиерот Никола Груевски и генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, со што очигледно се покажува една нервоза и непријатност од вистината којашто е втемелена не во позициите изнесени од страна на премиерот Груевски, туку од Извештајот на специјалниот пратеник за човекови права на генералниот секретар на Обединетите нации, г-ѓата Геј Мекдугал, за чии забелешки во врска со македонското малцинство во Грција, и раселените лица од Граѓанската војна во Грција, впрочем, меѓу другото на средбата и се разговараше. Вистината којашто е забележана во Извештајот на специјалниот пратеник за човекови права на генералниот секретар на Обединетите нации, г-ѓата Геј Мекдугал, е навистина непријатна, и од еден таков агол ние разбираме дека е погодена целта“, велат од македонската влада.