1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски не сака да го прејудицира исходот од работата на ад хок Комисијата

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска (23.08) одби да изнесе детали околу работата на Комисијата за расветлување на настаните од 24. декември пред таа да дојде до заклучок.

Премиерот Никола Груевски не сака да дава никакви заклучоци за да не прејудицира на крајното решение на Комисијата за расветлување на настаните од 24. декември 2012.

Тој рече дека Комисијата интензивно работи и дека тој е во постојан контакт со преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во однос на Комисијата за расветлување на настаните од 24. декември од минатата година, можам да кажам дека во текот на вчерашниот ден, а и денеска, има интензивни разговори. Денеска е денот кога се надеваме дека ќе дојде до договор. Разговорите се во тек, се одвиваат мошне интензивно и јас сум на линија со нашиот преговарачки тим на секој половина час во текот на овој ден. Не би сакал ништо да прејудицирам и не би сакал да дадам некоја поспецифична изјава, бидејќи може да се случи да наштети на преговорите затоа што денеска е клучниот завршен ден. Се работи за сериозен влог за државата и мораме да бидеме многу внимателни. Сепак, како и да е, сите опции се отворени и што и да се случи за нас сите опции се отворени“, изјави премиерот Груевски по отворањето на Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) „Штип”.

Инаку, во Клубот на пратеници во Скопје по неколкучасовното заседавање членовите на Комисијата имаат пауза, а се очекува седницата да продолжи околу 18 часот.

Претседателот во оставка на Комисијата за расветлување на настаните од 24. декември, професорот Борче Давитковски, утрово информира дека се усогласуваат ставовите околу две прашања. Давитковски најави и средби со лидерите на најголемите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.