1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: Не заедничка дипломатија, туку финансиска заштеда

Македонскиот премиер Никола Груевски информираше дека министерот за надворешни работи подолг период комуницира со неговите колеги од регионот за споделување на заеднички дипломатски објект.

Според Груевски, министерот за надворешни работи разговарал со министрите од Србија, Турција, Словенија, Црна Гора и најверојатно Хрватска, во врска со идејата за споделување заеднички дипломатски објект – амбасада, со некоја друга земја во рамки на заштедите во македонската дипломатија.

„Идејата не е заедничка дипломатија. Тука нема никаква политичка заднина. Има чиста финансиска заштеда и ништо повеќе од тоа“, истакна Груевски. Според него, целта е да се заштеди на простор.

„Се разбира дека нашите дипломатски мисии ќе бидат засебни и нема да делуваат заеднички, но заради заштеда на финансиски средства за кирии, идејата е некаде ние да отстапиме каде што имаме поголем простор за влез на дипломатски претставници на други држави, а некаде тие нам да ни отстапат“, објасни премиерот Груевски.

Според него, на тој начин Македонија би можела да има дипломатски претставништва и во држави каде што сега нема.

Претходно, владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев информираше дека за оваа идеја нема конкретна одлука, ниту пак Владата официјално дискутирала за таква точка.

„Се’ е во сферата на идеи, размислувања и консултации“, потенцираше портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

„Голем број еворпски земји имаат реализирано заеднички дипломатски мисии во рамки на еден објект. Тоа не значи суштинско поврзување на самите дипломатии или, пак, координирана надворешна политика, туку инфраструктурно поголем број дипломатски мисии се лоцираат во рамки на еден објект“, рече Ѓорѓиев.

Тој модел го применуваат Скандинавските земји и земјите од источна и централна Европа.