1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски не гледа интерес кај Грција за решение за името

Македонскиот премиер Никола Груевски изјави дека однесувањето на Грција не води кон решавање на спорот за името. Тој смета дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг е силен правно политички аргумент.

default

Македонскиот премиер Никола Груевски

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска (14.12.2011) уште еднаш упати апел до лидерот на грчката партија Нова Демократија Антонис Самарас, но и до премиерот на Грција Лукас Пападимос да најдат начин и време за надминување на прашањето за името кое ја преоптоварува Македонија, но како што рече не е добра работа ниту за Грција.

Груевски истакна дека одбивањето на неговата последна покана за средба од страна на Самарас, чија партија е коалициски партнер во новата влада во Грција, говори за немањето интерес во Атина за решавање на спорт за името.

Ароганција на грчката страна

Македонската страна останува посветена за надминување на овој проблем, изјави македонскиот премиер. „Треба да се изнајде решение. Не треба да се избегнуваат средби. Треба да се промени ставот и начинот на размислување кон својот сосед. Овој став на игнорирање и отфрлање на средби и на некој начин покажана ароганција во таа насока не е добар за добрососедските односи, не е добар за Грција и не води кон решавање на спорот“.

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski

Премиерот Никола Груевски

„Ние имаме проблем од нивното дејствување и мора да се најде начин тоа да се разреши. И тука се надевам меѓународната заедница ќе посвети повеќе внимание на овој дел затоа што однесувањето кое што го имаме во последно време не води кон решавање на спорот “, истакна премиерот.

Тој укажа дека веќе шест месеци нема сериозна комуникација помеѓу двете држави и тоа не по македонска вина, туку поради целосната дефокусираност од страна на Грција.

„Еден период тоа беше објаснувано заради финансиската криза, а сега гледаме и нови моменти во коишто не сакаат да остварат ниту средба, дури и тогаш кога сме на исто место во иста зграда што покажува дека не е само до финансиската криза, туку дека има сериозна намера да не се решава спорот, што не е нешто што треба да се поздрави“, рече Груевски за време на посетата на СОС Детско село.

НАТО да размисли за ставот од Букурешт

Во однос на пресудата во Хаг во корист на Македонија премиерот Груевски оцени дека ќе помогне во разговорите за името и е силен правен аргумент, што би требало да делува и политички. Тој уште посочи оти очекува одлуката од Хаг да биде земена предвид од членките на НАТО спроти идниот самит на Алијансата.

„Се покажа дека одлуката на земјите- членки на НАТО била заснована на претходен незаконски чекор направен од страна на една нивна членка, а тоа е Грција. На база на тој незаконски чекор тие донеле заклучок каков што донесоа во Букурешт, дека Македонија ги заврши сите работи за влез во НАТО, но треба уште да најде решение за спорот со Грција за да и се овозможи влез. Тој незаконски чекор кој го направила една нивна членка ги донела во заблуда останатите членки на НАТО и тие донеле таков заклучок дека ова треба да биде услов, односно дека решавањето на проблемот треба да биде услов за влез во НАТО. Судот тоа го негираше и кажа дека и без да се дојде до такво решение има можности, и правни и легални, дури и обврзувачки, Македонија да стане членка на НАТО-Алијансата. Се надевам дека во наредниот период останатите членки на НАТО ќе размислат уште еднаш за таквиот став донесен во Букурешт кој бил последица на незаконски чекор на една нивна земја-членка, односно на Грција“, рече премиерот Груевски.

Автор: СН/ АТ/ миа

Редактор: Александра Трајковска