1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: Нема напредок во преговорите околу името

Македонскиот и грчкиот премиер Груевски и Папандреу остварија билатерaлна средба. Двајцата се согласиле дека и покрај ваквите директни средби, преговорите за името продолжуваат под покровителство на ОН.

default

Никола Груевски и Јоргос Папандреу

„Нема напредок во преговорите околу името. Папандреу ги соопшти познатите максималистички барања на кои инсистира Грција, особено околу идентитетот, затоа и не можам да кажам дека има приближување,“ оваа песимистичка изјава ја даде македонскиот премиер Никола Груевски по едночасовниот разговор со неговиот грчки колега Јоргос Папaндреу, во грчкиот дел од Преспанското езеро. Папандреу од друга страна изјави дека и покрај моменталните видливи разлики сепак би можело да се направи напредок во наредните неколку месеци или во наредната година.

Груевски ги информира новинарите дека преговорите продолжуваат затоа што се добра основа да се разјаснат разликите. Преговорите продолжуваат во рамките на ОН. Македонскиот премиер го замоли грчкиот колега, Грција да размисли дали да го блокира европроцесот на Македонија на наредниот самит на ЕУ во декември.

Двајцата премиери одржаа различни прес-конференции. На прес конференцијата на грчкиот шеф на владата не им беше дозволен пристап на македонските новинари. Груевски и Папандреу втората средба ја започнаа со видлива срдечност, но развојот на тет-а-тет разговорите, според македонската страна, не дава надеж дека е возможен каков било напредок со минимум согласност до следниот самит на ЕУ. Македонскиот премиер покажа и видливо незадоволство од дијалогот со Папандреу.

Ден пред билатералните односи во Скопје во тајна мисија беше Карл Билт. Шефот на шведската дипломатија изјави дека не очекува грчко вето, но им препушти на премиерите да најдат решение околу името.

Грчки извори исто така потврдуваат дека нема прогрес во разговорите со Скопје. Еден спор што трае 18 години не може да се реши за десет денови, им кажал Папандреу на грчките новинари кои ја пренесоа оваа констатација на големата македонска новинарска колонија. Средбата во Преспа ја следеа невообичаено голем број новинари. Папандреу ги брифирал грчките новинари дека меѓународната заедница ја цени ангажираноста на владата на Атина за решавање на спорот околу името.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM

Поврзана содржина