1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски и СДСМ му одговорија на Филе

На писмото на еврокомесарот Штефан Филе, упатено до македонскиот премиер Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во кое тој бара решение за политичката криза во земјата, двете страни одговорија веднаш.

Портпаролот на македонската влада Александар Ѓорѓиев денеска соопшти дека премиерот Никола Груевски одговорил на писмото на еврокомесарот Штефан Филе и изразил благодарност за „континуираната поддршка која еврокомесарот Филе ја дава на Република Македонија и на реформскиот процес“.

Премиерот изразил и жалење за „потешкотиите за надминување на политичките предизвици произлезени од настаните на 24 декември и деструктивното однесување на опозицијата“, истакнувајќи дека „е свесен за тоа каков ризик се отвора за споменатата можност во контекст на европската агенда“.

Истакнувајќи дека еврокомесарот Филе е добро запознаен со „сите наши обиди и заложби за придвижување на работите и надминување на состојбите дури и кога наспроти нашата отвореност, подготвеност за дијалог и компромис наидуваме на несериозен и нерационален пристап од другата страна, премиерот Груевски во писмото напиша и дека во изминатиот период понудивме многу опции и излезни решенија за кои и самиот г-дин Филе е свесен дека од наша страна е даден максимум за надминување на оваа ситуација“, се вели во соопштението од Владата.

Груевски во одговорот до Филе навел и дека „иако многумина сметаат дека сите идеи и можности се веќе исцрпени и сега се повторуваат како стари позиции во понуди како да се нови, сепак ние остануваме одговорни, отворени и посветени за продолжување на делувањето согласно јавно искажаните принципи и за евентуални конкретни предлози од било кого, вклучувајќи конкретни предлози и од страна на г-динот Филе“.

СДСМ: Нашите активности се конструктивни

Потврда дека е добиено писмо од еврокомесарот Штефан Филе денеска стигна и од СДСМ. Потпретседателот на партијата Зоран Јовановски коментира дека „сите активности на СДСМ, вклучително и предлогот од минатиот петок, се фер, конструктивни, демократски, позитивно насочени, но власта тоа и понатаму не го разбира и покажува инает за кој странците мораат да ни укажуваат“.

Според СДСМ „во секое демократско општество одговорноста за состојбите во земјата оди кај власта и сега е моментот Груевски да го направи тоа што треба да го направи“.

Јовановски потсети дека за политичката криза во земјата „имаше повеќе соопштенија во повеќе наврати, не само од комесарот Филе, туку и заеднички соопштенија на ЕУ, НАТО, Стејт Департментот, ОБСЕ“:

„Кога има такви соопштенија и повици, не еден, туку повеќе, во серија, кога треба луѓето од надвор да Ви кажат, а Вие сте премиер на земјата, што треба да направите и тоа мора десет пати да Ви го кажат, првата работа што премиерот треба да ја направи е да се засрами и да се замисли. Дали тој тоа го смета за засилен притисок или не, јас не можам да кажам, меѓутоа мислам дека тој сe‘ уште не ја сфаќа сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа Македонија“, рече Јовановски, кој потврди дека писмото на Филе доаѓа кога генералниот секретар на СДСМ се наоѓа во Брисел:

„Тој таму има средби со повеќе претставници на Унијата и неговата посета таму е со цел тој повторно да ги објасни и реафирмира ставовите на СДСМ околу тековната политичка ситуација во Македонија и уште еднаш да ја објасни позицијата на СДСМ околу неучеството на локалните избори. Ние нашиот предлог го дадовме, ќе повторам, на потег е премиерот Груевски“, вели Јовановски.

Филе бара кризата да се реши

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе преку писмо до македонскиот премиер Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски побара двајцата да изнајдат решение на моменталната политичка ситуација во земјата.

Решението на политичката криза, нагласува во писмото еврокомесарот Штефан Филе, ќе ја врати земјата на евроатлантскиот пат, кој е моментално загрозен.

„Во писмата тој ја изразува длабоката загриженост за недостатокот на напредок во ставањето крај на политичкиот ќорсокак во земјата. Тој нагласува дека треба да биде најдено решение во Скопје. Ги повикува двајцата лидери да ги продолжат напорите да најдат решение за моменталната криза врз основа на политички дијалог и компромис и ги повикува брзо да постигнат компромис што ќе ја врати земјата на нејзиниот евроатлантски пат, кој е моментално загрозен“, изјави неговиот портпарол Петер Стано.

„Најважно е дека ние, Европската комисија, Европската унија, стоиме на страната на Македонците, на луѓето од оваа земја. Не смее да има сомнение околу тоа. Подготвени сме да се посветиме во изнаоѓањето политичко решение заедно со засегнатите страни, за изнаоѓање политичко решение што е добро за земјата, кое ја дефинира нивната подготвеност за посветеност. Но, за жал, тоа не е случај во моментов и не гледаме волја од нивна страна. Она што комесарот би сакал да го нагласи е дека ние не се откажуваме од поранешната југословенска Република Македонија. Подготвен е да отпатува таму во било кое време, но кога ќе се создадат неопходните услови од политичарите во земјата“, изјави Стано, информирајќи за писмото на Филе до Груевски и Црвенковски.