1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски и Заев: Почеток на политички дијалог

На првата официјална средба меѓу премиерот Никола Груевски и новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, бил направен исчекор околу формирање на комисијата што треба да ги расветли настаните од 24 декември.

„Се радувам што направивме исчекор во поглед на Комисијата во врска со настаните од 24 декември. Исчекорот се однесува  на преземање обврска во наредните три - четири дена директно да  искомуницираме ние или нашите претставници во изнаоѓање конечно решение по ова прашање“, рече Заев.

Тој не прецизира дали се разговарало за тоа кој да биде претседател, туку рече дека целта е да се направат напори да почне да работи комисијата.

„Овој исчекор  за нас е многу значаен, зашто опозициските пратеници и новинарите беа избркани од Собранието. Оваа Комисија има  улога пред се‘, за внатре во земјата, иако е еден од условите за нашите евроатлантски аспирации“, рече Заев, кој очекува што е можно поскоро таа да излезе со заклучоци за да се затвори тој „црн понеделник“.

Заев не сакаше да информира за кои други прашања било разговарано, дали воопшто било разговарано за прашањето за името и за други национални прашање. Тој изјави дека е среќен што се остварила ваква средба и дека се надева оти во иднина тоа ќе стане пракса. Средбата траеше повеќе од еден и пол час.

„Ваквите средби во нормални држави се секојдневна работа. Јас се надевам дека оваа средба, којашто беше најавувана како преседан или нешто ново, нема да остане така. Исчекорот кон политичкиот дијалог е направен и се надевам дека ќе додржи барем за високите прашања од интерес на Македонија“, рече Заев.

Според него, тоа што досега немаше дијалог е по вина на двете страни, и на власта и на опозицијата.

Новиот лидер на СДСМ рече дека е подготвен да даде поддршка како претседател на опозицијата на сe‘ што е добро за народот, затоа што тоа му дава легитимитет да биде силен во критиките за она што не чини.

„Опозицијата има намера да биде конструктивна. Ако покрај тоа што сака да ја одигра својата улога, апсолутно критична кон сe‘ што е недобро за оваа земја, на сe‘ што е глупаво во оваа земја да изреагираме, во сe‘ што е интерес за Македонија ќе бидеме конструктивни“.

Средбата меѓу премирот Груевски и новиот лидер на СДСМ доаѓа по неодамнешниот избор на Зоран Заев за лидер на опозициската СДСМ.

Средба Заев-Орав: ЕУ бара што поскоро формирање на анкетната комисија

Европската унија бара што поскоро формирање на aнкетната комисија којашто треба да ги расветли настаните од 24 декември, побарал пак амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав на средбата со новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев. Заев истакнал дека СДСМ е целосно конструктивна во однос на формирањето на Комисијата и чека ВМРО-ДПМНЕ да го прифати предлогот странски експерт да застане на чело на Комисијата.

На средбата Заев истакнал дека СДСМ останува конструктивна за прашањето за името, но забележал дека Владата воопшто не ја информира опозицијата што се случува во процесот.

Орав, како што се вели во соопштението на СДСМ, ја поздравил конструктивноста на СДСМ, се осврнал на Самитот на ЕУ и изразил надеж за придвижување на процесот на интеграција на земјата во Унијата.

Заев го информирал Орав за неговите генерални планови и насоки на идно политичко делување на партијата.