1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски и Ахмети ќе се залагаат за почитување на законите

Лидерите на владејачката коалиција на денешната средба се согласиле дека тие имаат најголема одговорност за меѓуетничките односи во земјата

„Секоја заедница треба да го почитува идентитетот на останатите кои живеат во Македонија. Заедниците имаат право да го изразуваат својот идентитет без да ги вознемират или пак повредат чувствата на припадниците на другите етнички заедници или пак државниот интерес, согласно Уставот и законите. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија се неприкосновени и се гарантирани од државата, се согласија на денешната средба владините коалициски партнери Никола Груевски и Али Ахмети.

Тие, осврнувајќи се на настаните поврзани со прославата на албанското знаме,на кои во повеќе наврати во јавноста се гледаше како на провокација, истакнаа дека мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот се од значење за развојот на општеството, поради што, како што посочија, заедниците треба да се почитуваат, уважуваат и да соработуваат.

„Двајцата се обврзаа да ги искористат своите авторитети и можности да влијаат во надминување на овие предизвици, во духот на почитување, толеранција и меѓусебно разбирање. Република Македонија е правна држава и Законите и Уставот мора да се почитуваат доследно и од сите. Груевски и Ахмети апелираат за воздржување од провокации, при искористување на меѓуетничките и меѓурелигиските односи во функција на дневно политички цели, од страна на било кој субјект или поединец.

„Иднината на нашата земја е во голема обединета Европа и пораките кои одат во друга насока од оваа, не ја отсликуваат позицијата на двете партии и правецот на развој на нашата земја“, се вели во заедничкото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Груевски и Ахмети се свесни дека најголемата одговорност во делот на меѓуетничките односи лежи во рацете на политичките елити, а особено на политичарите кои ја имаат добиено поголемата доверба од граѓаните, поради што се обврзале дека ќе сторат максимум за спречување на какви било обиди од злоупотреба и погрешно интерпретирање на постапки, кои се од сферата на меѓуетничките односи.