1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: Иванов постапи правилно

Македонскиот премиер Никола Груевски оцени дека Македонија нема вина за откажување на самитот на ПСЈИЕ. Одлуката за одлагање на самитот, на долг рок ќе помогне за надминување на некои проблеми, изјави Горан Свилановиќ.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов постапи правилно со одложувањето на Самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа, оцени денеска (30.05) премиерот Никола Груевски. Се судрија интереси на други држави, а Македонија нема каква било вина, рече Груевски одговарајќи на прашање од пратеникот од ДПА Имер Алиу на денешната седница на Собранието.

Алиу побара одговор за непоканувањето на Косово на Самитот на ПСЈИЕ, што требаше да се одржи претстојниот викенд во Охрид. Груевски појасни дека ПСЈИЕ, како органзиација во која членува Македонија, има свои правила согласно кои дневниот ред и поканите се испраќаат со одредна процедура за која што е потребен консензус, односно за која што која било од земјите членки има право на вето. Пред неколку дена, укажа Груевски, две од државите членки го искористија тоа право на вето и го блокираа предлогот со кој требаше да биде испратена покана и до Косово.

„Секако таа блокада не беше од РМ, туку од две други држави од регионот и кои не го кријат тоа и јавно кажуваат дека ја искористиле можноста да ја блокираат поканата согласно усвоените процедури и потпишаниот договор за таа регионална организација. Подоцна следуваа откажувања од страна на неколку претседатели кои не беа однос кон нас, туку кон оние што го поставија ветото и беа нивна комуникација на начин на којшто одбраа да биде, односно испраќање пораки. Јас жалам што дојде до таква ситуација, но Македонија не беше во ситуација да направи што било друго. Мислам дека од тој аспект е исправна постапката на претседателот на државата со која на крајот го одложи Самитот до разрешување на проблемите на државите во ЈИЕ“, рече Груевски на седницата за пратенички прашања.

Свилановиќ: Исправна одлука на Иванов

Одлуката на Иванов за откажувањето на Самитот на шефови на држави и влади на земјите вклучени во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Форумот на Дијалогот меѓу цвилизациите, на долг рок ќе донесе добри резултати, оцени денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) Горан Свилановиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-коференција на Годишниот состанок на РСС рече дека одлуката на македонскиот претседател ја примил со жалење, бидејќи, како што рече, секој договор и секој разговор се важни.

„Но, го разбирам како човек и претседател, кој сака неговата држава да биде почитувана од сите колеги, претседатели на други држави. На долг рок ќе донесе добри резултати. Сега на никого не му е пријатно на краток рок, но на долг рок сметам дека е добро бидејќи тој отворено кажа дека мора искрено да се разговара кои се проблемите во регионот, да се најдат решенијата и да се применуваат“, изјави Свилановиќ.

Македонија како претседавач на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, според министерот за надворешни работи на РМ Никола Попоски, го промовира пристапот на инклузивност. Шефот на дипломатијата смета дека во такви услови најбитно е да се задржи кредибилитетот на Процесот:

„Како земја која многу долго патела од блокади, сметам дека тие не носат никому добро и сметам дека дијалог, отвореност и вклученост на сите е единствениот пат кој може да не’ води напред, особено доколку сакаме да бидеме дел од Европската унија. Тоа е нашата позиција и мислам дека во таква ситуација, ова е најдобра одлука“, заклучи Попоски во Охрид.