1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: Грција оди чекор назад

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска (25.12) го обвини грчкото раководство дека нема намера да се заминава со проблемот со името.

default

Никола Груевски: Грција не е заинтересирана за надминување на разликите

„Ставот што го соопшти премиерот и одбивањето на средба од страна на Самарас се постапки кои укажуваат дека немаат намера да се занимаваат со овој проблем. Тие одбегнуваат средби на секој начин и на секое можно ниво“, изјави денеска македонскиот премиер Никола Груевски.

Тоа е реакција на писмата на грчкиот премиер Лукас Пападимос и лидерот на Нова демократија Антонис Самарас упатени до Груевски. Пападимос на Груевски, меѓу другото, му напиша дека „наоѓање прифатливо ерга омнес решение за името како резултат на преговорите во рамки и под покровителство на ОН останува од суштинска важност“. Самарас, пак, вчера, во својот допис оценува дека „е најдобро да се охрабри постоечката процедура на официјални разговори“ и додава: „Сепак, обврзан сум да истакнам дека систематските активности на вашата Влада и официјалните лица на ПЈРМ и‘ поставуваат пречки на споменатата процедура. Оттука, силно ве охрабрувам да усвоите позитивен пристап во однос на ова важно прашање“.

Македонскиот премиер денеска оцени дека „се минираат какви било разговори со позиции што се ултрарадикални и за кои што однапред знаат дека од никого во Македонија нема да бидат прифатени, ниту од власта, ниту од опозицијата, буквално од никого“. Груевски рече дека е загрижен за однесувањето на Грција кое „очигледно е со намера да не се дојде до некакви разговори“. Тој изрази жалење што и новата политичка гарнитура во Грција „не само што не наоѓа слух за ова прашање, туку оди чекор назад“.

Автор: ЕМФ/СН/миа

Редактор: Симе Недевски

DW.COM