1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: Грција не ја препозна добрата намера на Филе

Македонскиот премиер Никола Груевски изјави дека е добро што се гледа „кој прифаќа, а кој одбива иницијативи за решавање“ на проблемот со името.

„Жал ми е што Грција го одби предлогот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе за трилатерална средба. Колку што можев да разберам Филе немаше намера да го субституира делувањето на Метју Нимиц и на Обединетите нации, туку сакаше да помогне во целата работа“, изјави денеска (20.01) македонскиот премиер Никола Груевски (на фотографијата горе со еврокомесарот Штефан Филе).

Тој посочи дека од македонска страна веднаш е прифатена неговата иницијатива, но за жал Грција ја одби:

„Ние пристапивме со добра волја, намера и верба, како што и пристапувавме во минатите години, но за жал другата страна не ја препозна добрата намера на Филе и колку што можевме да забележиме го одби. Ние ќе продолжиме со добри чекори, затоа што сме држава која сака да го реши овој проблем и добро е што тоа се гледа на некој начин кој прифаќа иницијативи за решавање, а кој одбива иницијативи за решавање“, рече премиерот.

Филе, како што додаде Груевски, „сигурно имал консултации со неговиот претпоставен, со Баросо, и на некој начин мене ми е жал што Грција ја пропушти оваа можност за правење чекор напред, доближување на односите, доближување во релациите и можеби во изнаоѓање на некоја нова идеја која ќе помогне во доаѓање до решение“.