1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски го обвинува СДСМ за несериозност

Премиерот Груевски денеска го обвини СДСМ за несериозност поради бојкотот на парламентот и отфрлањето на неговото барање за итни избори. Социјалдемократите денеска повторно не се појавија на координација во Собранието

default

Груевски тврди дека СДСМ не сака предвремени избори

„Одговорот на СДСМ беше несериозен и неодговорен затоа што со сопствените неодговорни постапки ја доведоа земјата во една неприлична ситуација, пред се пред светот“, изјави премиерот Никола Груевски како коментар на отфрлањето на неговото барање за итни предвремени избори од опозициската СДСМ.

„Се виде дека цело време блефирале и манипулирале и оти имаат страв од избори, а чекорот за излегување од Собранието го направиле практично со цел да не им се случат предвремени избори“, рече Груевски.

СДСМ го бојкотира Вељановски

Опозициската СДСМ денеска, според најавите, не се појави и на новозакажаната координација кај претседателот на Собранието Трајко Вељановски.

Собранискиот спикер најави дека нема намера да отстапи од повиците за дијалот и за петок напладне закажа нова средба со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи на која тие треба да се изјаснат за текстот на одлуката за основање парламентарна комисија за утврдување на состојбата со избирачкиот список, измени и дополнувања на Изборниот законик и на Законот за судскиот совет, согласно препораките на ЕУ. Овие три прашања се дел од барањата на опозицијата за да се врати во Парламентот.

Вељановски на брифинг со новинарите истакна дека доколку координаторите се изјаснат дека измените и предлог-одлуката за нив се прифатливи, тој изрази подготвеност веднаш да закаже седница и тие да бидат изгласани. Реализацијата на овие барања би се одвивала паралелно и би можело да заврши за десетина дена.

NO FLASH Mazedonien Parlament Treffen Fraktionschefs

Координациите кај Вељановски и натаму без СДСМ

Утре ќе се одржат пратенички прашања

„Ако опозицијата не дојде ова нема да има смисла, но да видиме што ќе кажат“, рече првиот парламентарец на брифинг со новинарите.

Вељаноски информираше дека ќе се одржи утрешната седница за поставување пратенички прашања и оти се пријавени четворицата пратеници од ЛДП, единствена опозициска партија која е во Собранието, како и независниот пратеник Даут Реџепи Лека и оти таа ќе се одвива според Деловникот.

СДСМ: клучот е кај Груевски

Пратениците од СДСМ остануваат надвор од Парламентот се‘ додека нема соодветен одговор на нивните барања, изјави денеска Јани Макрадули, потпретседател на Собранието и пратеник од опозициската СДСМ. Според него, клучот за отклучување на политичката криза е кај оној што го има, а тоа е единствено премиерот Никола Груевски, без разлика колку брзо по неговите настапи претседателот на Парламентот ќе реагира со некакво писмо. Според Макрадули, СДСМ настапи со многу сериозен план, многу прецизно и содржински и временски со, како што рече, разумни, логични и демократски барања и очекуваат премиерот да одговори во врска со него.

Автор: СН/ЖА/миа

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM