1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: Главен проблем е што сега нема дијалог со Грција

Македонскиот премиер Никола Груевски на денешната парламентарна седница за пратенички прашања порача дека ставот на владата за решавањето на спорот со Грција за името е непроменет.

Ставот на македонската влада кон решавањето на проблемот со Грција околу името останува непроменет, односно ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со решение кое задира во Уставот, идентитетот, јазикот и културата на Македонија, одговори премиерот Никола Груевски на пратеничко прашање на Ивон Величковски од ЛП.

Според Величковски, по последните раздвижувања се разбрало дека ставот на државните сегменти во однос на името е различен, па така ставот на претседателот Иванов е Република Македонија ерга омнес, ставот на министерот за надворешни работи не можел да се насети, а претседателот на најголемиот партнер на владата ДУИ, Али Ахмети обелоденил дека официјален предлог од медијаторот Метју Нимиц е Горна Македонија.

Тој рече дека потврда за тоа е добиена и од потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, кој вели и дека тој предлог за нив е прифатлив.

„Иако во многу наврати сме кажале, нашиот став е истиот непроменет од она што стои во нашата изборна програма, во кој велиме дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со решение кое подразбира каква било промена на Уставот, решение кое задира во идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ. Нема да прифатиме промена на името предложена од еден политичар, и посебно без референдум на кој би се изјаснил народот“, одговори премиерот Никола Груевски на седницата за пратенички прашања.

Според него, Нимиц дава повремено некои идеи за тоа како да се надминат разликите, а „оној момент кога ќе мислиме дека треба неговите идеи да се споделат со јавноста, тогаш ќе кажеме. Сe‘ додека сметаме дека со обелоденување на предлозите ќе направиме повеќе штета на процесот, тоа нема јавно да го соопштиме“.

На дополнително прашање на пратеникот Величковски, дали се преговара за уставни промени или за промена на референцата ПЈРМ, Груевски рече дека одговорот веќе го кажал, но дека главен проблем сега е што нема дијалог со грчката страна.

„Главниот проблем во овој момент е што и ние и медијаторот имаме проблем да се разговара, да се воспостави дијалог. Кога имаме можност за дијалог, тоа е секогаш во рамки на она што претходно го кажав. Нема да се дозволи промена на Уставот со цел промена на уставното име, ниту преговори за идентитетски прашања“, рече Груевски.