1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски во седиштето на НАТО

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска (12.02) во седиштето на НАТО ќе се сретне со генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен и ќе присуствува на Северноатлантскиот совет на НАТО.

default

Според официјалното соопштение од НАТО, по средбата Груевски-Расмусен ќе има и заедничка прес-конференција. Средбата доаѓа неколку месеци пред самитот на Алијансата во Велс.

Поранешниот американски амбасадор во НАТО, Курт Вокер, на вчерашната дебата за иднината на НАТО во Вашингтон, рече дека проширувањето на НАТО не е на агендата, а повеќе клучни елементи на Алијансата се во хаос. Вокер оцени дека НАТО се соочува со отсуство на водство од страна на САД, хаос во односот со Русија и неподготвеност за реагирање во светските кризни жаришта.

„Проширувањето на НАТО и менаџирањето со кризи се двете крупни работи кои НАТО ги заврши по падот на комунизмот. Овие два елемента се во хаос деновиве. Градењето на Европа како обединета, целосна и во мир не е завршено. Имаше големи успеси, видовме прием на дузина нови членки, но погледнете го Западниот Балкан, Босна, Косово или Македонија, каде имаме уште незавршени работи. Уморни сме од НАТО, немаме буџет, ниту идеи“, изјави Вокер, на дискусијата организирана по повод посетата на францускиот претседател Франсоа Оланд на САД.

Вокер рече дека е изненаден од фактот што Франција предводи во мировни операции, додека САД одвај прифаќаат да преземат заднинска улога.

„Има отсуство на американско лидерство во НАТО. Во Либија со сила нѐ одвлечкаа да интервенираме. Во Мали дури сакавме да им наплатиме на Французите за помошта која ни ја побараа. НАТО веќе не е Алијанса која е предводена од САД“, изјави Вокер.

Самитот на НАТО ќе се одржи во септември, во британскиот град Њупорт, и сѐ уште не е јасно дали проширувањето ќе биде поставено на агендата. Поранешниот амбасадор Волкер побара од САД да извршат политичко влијание повеќе тешки прашања да бидат поставени на агендата. Според него, одложувањето на решавањето на отворените прашања, само ја усложнува положбата на НАТО, која, како што рече, е соочена со најсериозни безбедносни закани по падот на комунизмот. Вокер ги наведе кризите во Украина, Либија и Египет, како и војната во Сирија.