1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски: Во ЕУ и НАТО кога ќе не’ прифатат какви што сме

Подготвени сме да се придружиме на ЕУ и на НАТО тогаш кога и тие ќе бидат подготвени да не‘ прифатат такви какви што сме, и тоа што сме, вели во годишното обраќање премиерот Никола Груевски.

„Ние нема да застанеме, ние ќе работиме, ние ќе се однесуваме европски, и ние сме и ќе останеме спремни за да и’ се придружиме на ЕУ и на НАТО тогаш кога и тие ќе бидат спремни да не‘ прифатат какви што сме, и тоа што сме“, вели премиерот Груевски.

На надворешен план, како што додава Груевски, Македонија имаше многу предизвици во 2013-та година.

„Го добивме петтиот по ред позитивен извештај од Европската унија, кој ни ја овозможи и петтата по ред препорака за почеток на преговорите за полноправно членство. Сепак, и овојпат на Македонија не и‘ беше дадено заслуженото од причина што Европскиот совет не може да обезбеди консензус од сите земји-членки, за што главна причина е барањето за промена на уставното име на земјата, и името на македонскиот јазик и нација, од една земја членка, која своето членство го користи и недозволува придвижување на Македонија ниту во НАТО, ниту во ЕУ“, истакнува Груевски.

Имајќи во обзир, како што подвлекува премиерот, дека јужниот сосед се соочува и со тешка финаска криза, која може да го доведе во прашање и кредибилитетот на еврото како заедничка валута на поголемиот дел од земјите-членки, напорите на сите поважни земји членки во моментот се фокусирани на тоа прашање.

„И повеќе од очигледно е дека барем засега немаат намера да вршат притисок на нашиот јужен сосед по кое било друго прашање освен финасиското, а без таков притисок шансите за решение се минорни“, додава тој.

Одтука, како што посочува Груевски, Македонија ќе продолжи со сите напори за спроведување на своите внатрешни реформи, кои ќе ги зголемуваат силата и кредибилитетот на земјата, и истовремено ќе се продолжи со максимални обиди за изнаоѓање решение за спорот за името. Според премиерот, не треба да се имаат „нереални очекувања или паѓања во колективни депресии по прашањето што кажал овој или оној за нашето име, јазик или нација, или разните притисоци преку разни извештаи за Македонија или внатрешнополитички предизвици, кои треба да не‘ деморализираат“.