1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски ветува казнување за инцидентите

Македонскиот премиер Никола Груевски ги осуди инцидентите што деновиве се случија во Скопје и во други градови во Македонија и апелираше до сите субјекти да го почитуваат соживотот.

Груевски истакна дека насилното однесување е нечесно и незаконски и дека сторителите ќе бидат казнети.

„Најпрво да го осудам однесувањето на некои луѓе што непромислено ги преземаат тие чекори. Тоа е нехрабро и нечесно и незаконски. Апелирам до сите да се воздржат од такви работи и да влијаат на младите луѓе и нивните родители и наставници да делуваат во правец на разумно однесување на младите луѓе. Знам дека тие имаат вишок енергија, но добро е неа  да ја трошат во позитивни, креативни работи, а не во нарушување на мирот и спокојството на граѓаните“, изјави Груевски.

Да не се разгорува омраза

Груевски ги повика и политичките субјекти да не ја злоуптребуваат ситуацијата и, како што рече, да не одат со говор на омраза, со говор кој индиректно или директно ги охрабрува  некои млади структури кои на ваков начин ја исфрлаат својата негативна енергија. На тој начин, додаде премиерот, не придонесуваат да дојдат на власт, туку придонесуваат за нив да се создаде полоша слика како политички субјекти.

Öffentlicher Verkehr in Skopje

Напади во повеќе автобуси на ЈСП

„Апелирам до сите - и политичките и неполитичките субјекти, индивидуални лица, граѓани, наставници, професори, родители, но и до младите луѓе, да се однесуваат разумно и во духот на она што го градиме со години, со децении, па и со векови, а тоа е соживотот во Македонија, заедничкото живеење и помагање“, нагласи премиерот.

Груевски рече и дека Министерството за внатрешни работи и државните надлежни институции ќе ги преземат сите мерки за казнување  на сторителите и нивно изнесување пред лицето на правдата.

Кривични пријави за „насилство“ за инцидентот во автобусот бр. 58               

Полицијата пак, соопшти дека поднесла кривични пријави против седум момчиња, две полнолетни и пет малолетни, од Скопје, поради основано сомнение  дека вечерта на седми март на последната станица на автобусот бр. 24 извршиле насилство врз шест лица, патници во автобусот бр. 58, кој сообраќал на линијата Транспортен центар - село Света Петка.

Осомничените се товарат дека сториле кривично дело „насилство“ на тој начин што грубо ги малтретирале и им ја загрозиле сигурноста на патници нанесувајќи им телесни повреди, а притоа го оштетиле и автобусот со кршење стакло.

По пријавување на случајот и при преглед во автобусот е пронајдена метална палка на расклопување. Вчера, во просториите на полициската станица Гази Баба претепаните патници извршиле препознавање на осомничените лица за кривичното дело „Насилство“ со кои се извршени разговори, при што во целост го појасниле настанот.

Момче прободено со нож, пукотници и тепачки во Скопје

Ноќта кон саботата скопската полиција регистрирала повеќе насилства, во кои едно момче на улицата „Рузвелтова“ во централното градско подрачје е прободено со нож, а во другите случаи се регистрирани употреби на разни видови оружје.

Советот на честа на ЗНМ апелира на поголема одговорност

Советот на честа на ЗНМ повикува на поголема одговорност кај новинарите во нивното информирање во врска со развојот на настаните предизвикани од трагичниот инцидент во Гостивар кога две лица го загубија животот. 

„Македонија е мултикултурна и мултиетничка заедница поради што улогата и одговорноста на новинарите е исклучително важна. Освен објективност, непристрасност и професионалност потребни се смирувачки тенденции, а не сензационализам и текстови кои придонесуваат за разгорување на страстите и меѓуетничките тензии, истакнува во апелот Советот на честа на ЗНМ.

На вакво однесување на новинарите, укажува Советот, упатува Кодексот на Здружението на новинарите на Македонија, според кој новинарот нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа: национална, верска, расна, полова, политичка.

„Уште еднаш ги повикуваме нашите колеги новинари својата работа да ја издигнат на висината на професионалните стандарди и да демонстрираат висока свест за чувствителноста на ситуацијата“, се вели во апелот.

Автор: ЖА/ЕМФ/миа/макфакс

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска

-

DW.COM