1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски бара слога и заедништво од дијаспората

Македонскиот премиер се сретна со иселениците во САД. Добиена е поддршка за членство во НАТО од двајца американски конгресмени.

Македонскиот премиер Никола Груевски на средба со иселениците во Детроит, САД, им порача да ги одржуваат заедништвото, слогата и солидарноста за изградба на силна и почитувана Македонија.

„Во предвечерјето на 21. роденден на самостојна и независна Република Македонија сакам да испратам порака на заедништво, солидарност и непокор пред предизвиците со кои се соочуваме. Влогот е голем - стабилна, развиена и просперитетна Македонија. Тоа е аманет што ни го имаат оставено нашите претци и наша должност е да ги ставиме целосно на располагање сите ресурси, сите искуства, знаења и потенцијали со кои располагаме во насока на изградба на силна и почитувана држава. Тоа е единствен начин за добивање на борбата против негаторите на македонскиот народ и македонската црква. Останете цврсти, останете во заедништво, немојте да се делите овде во дијаспората. Ни требате сложни, само така можете најмногу да и‘ помогнете на Македонија, истакна Груевски.

На средбата со иселениците, покрај владиниот тим што го предводи Груевски, присуствуваа и американски конгресмени, бизнисмени, претставници на МПЦ.

Конгресменот од Демократската партија Гари Питерс истакна дека заедно со педесетина негови колеги испратија писмо до претседателот на САД Барак Обама во кое побараа да се заложи Македонија да стане дел од НАТО.

„Ни треба Македонија во НАТО, потребно е да имаме посилни односи и ќе сториме се’ што можеме да осигураме дека сојузот меѓу САД и Македонија е силен, рече Питерс.

Поддршка за македонското членство во НАТО и засилување на партнерството меѓу САД и Македонија искажа и Кендис Милер, конгресменка од Републиканската партија.

„Ќе продолжиме да работиме многу посветено на тоа. Како што спомена конгресменот Питерс, 53 конгресмени го потпишаа писмото до претседателот Обама за прием на Македонија во НАТО. За жал тоа не се случи на самитот во Чикаго, но сметам дека има многу добра волја да продолжиме. Македонија има свои војници во Ирак и во Авганистан и ви благодариме многу за тоа. Во Авганистан храбрите македонски војници го чуваат шаторот на НАТО. Ако можат тоа да го прават надвор од шаторот, тогаш треба да им биде дозволено и да влезат внатре, во НАТО“, истакна конгресменката Милер.