1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски бара позитивна енергија од Грција

Македонскиот премиер Груевски му порача на грчкиот претседател Папуљас да покаже позитивна енергија за решавање на спорот за името. Тој исто така ги повика грчките претставници да престанат да испраќаат негативни пораки.

Грчкиот претседател Каролос Папуљас да даде малку позитивна енергија во односите меѓу двете земји, побара македонскиот премиер Никола Груевски, реагирајќи на барањето на шефот на грчката држава Македонија да се откаже од идеологијата на македонизмот.

„Тој е доволно искусен и доволно возрасен и поминал многу низ политиката и добро знае дека на ваков начин нема да може да ги решава работите со постојано препукување за да се соберат некакви поени на домашен терен“, рече премиерот Груевски.

Според него, не треба натаму да се дозволи енергијата да се троши на обвинувања и префрлања вина едни на други и затоа, истакна, постојат два начина и тоа едниот е, посочи, да се продолжи, на начин кој досега го наметна Грција, а Македонија морала да го прифати. Вториот начин, смета Груевски е час поскоро да се водат разговари и да биде најдено решение на задоволство на двете страни.

„Грција 21 година на овој начин собираше поени помеѓу домашното население, меѓутоа далеку не отиде. Погледнете сега што се случува таму. Затоа би им порачал да запрат со ваквите непродуктивни исфрлања на негативни енергии и обвинувања, клевети и слично и ден порано тогаш кога тие ќе кажат на кое било место што тие ќе го одредат јас сум подготвен да одам и да разговарам. Ако кажат во Атина утре, утре одиме во Атина, да разговараме, да се надмине спорот и да се најде решение. Ако кажат во Брисел, одиме во Брисел. Ако сакаат во Скопје, во Скопје. Каде ќе одлучат, во кој состав ќе одлучат, на кој начин, битно е ден порано да се седне да се разговара за да се најде решение наместо да се испраќаат вакви негативни пораки и клевети“, рече Груевски за време на неговата посета на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.

Тој потенцираше дека чекорите ќе се изведуваат во консултација со граѓаните на Република Македонија на организиран референдум. Од македонска страна има волја да се реши прашањето за името. „Тоа е наш интерес, тоа прашање да биде надминато, да имаме пријателски односи со нашиот јужен сосед, да си помагаме, наместо да си одмагаме и да се бориме низ европските и светските институции како да се надмудриме“, одговори премиерот Никола Груевски на новинарско прашање како гледа на владините иницијативи и конкретни чекори во однос на односите со Грција.