1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Груевски бара поддршка од Грција и Бугарија во декември

Македонскиот премиер очекува поддршка од Грција и Бугарија на декемврискиот Европски совет за одредување датум за старт на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

Говорејќи на регионалната конференција „Одржливост на реформите - кон целите на ЕУ 2020“, Груевски порача дека одлуката за отворање на пристапните преговори со Македонија во декември ќе има позитивно влијание врз целокупниот процес на европска интеграција на регионот.

„Очекувам Грција, како најстара земја-членка во Европската унија од нашиот регион и деклариран пријател на политиката на проширување, да го поддржи донесувањето на одлуката за почеток на пристапните преговори со Македонија овој декември и со тоа да го даде клучниот и одлучувачки политички придонес за ревитализација на европската интеграција на целиот Балкан“, рече премиерот Груевски.

„Никој повеќе од Македонија не сака да се отстрани последната пречка штостои на патот кон реализација на нашите европски и евроатлантски цели. Како многупати досега, би сакал јасно да потврдам дека сакаме интензивирање на разговорите со Грција под покровителство на Обединетите нации, час поскоро да дојдеме до решение согласно демократските принципи и меѓународното право во рамката поставена со Резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на највисокиот меѓународен суд“, рече премиерот Груевски.

Тој смета дека историјата покажала оти блокадите и отсуството на компромисен пристап никогаш немаат доведено до решение за билатералните прашања.

„Контекстот на пристапни приговори го олеснува решавањето на билатералните прашања. Наше убедување е дека проширувањето е постапен процес кој се заснова на цврста и одржлива имплементација на реформите и сметаме дека треба и да остане. Проширувањето треба да го рефлектира кредибилитетот на Унијата која почива врз споделени вредности кои сите подеднакво треба да ги почитуваме“, рече македонскиот премиер.

Говорејќи за намерите на Македонија за водење добри односи со сите соседни земји, Груевски се осврна и на Бугарија.

„Треба историјата да ја оставиме на историчарите. Декларацијата од 1999 година останува добра рамка за натамошно развивање на меѓусебните односи. Имаме воспоставено богата правна рамка на билатерални договори која треба да служи за унапредување на односите и интензивирање на соработката на конкретни проекти од практичен интерес за граѓаните. Граѓанското општество и медиумите од двете земји треба да одиграат важна улога во промоцијата на меѓусебното разбирање и почитување“, рече Груевски.

„Нашата препорака за почнување на пристапните договори веруваме дека ќе ги зголеми шансите за разрешување на спорот со името и сме убедени дека вашата европска перспектива е реална“, истакна генералниот директор на Директоратот за проширување во Европската Комисија Стефано Санино во обраќањето на конференцијата.

„Верувам дека нашата дадена препорака ќе постигне позитивни ефекти во оваа насока и во однос на последните контакти во Њујорк кои беа направени и веќе оставаат траги за ова што го зборувам, за развој на настаните. Овој процес беше повторно отпочнат и мислам дека е важно да се движи напред без никакво заостанување и да се одржи веќе созреаната динамика, бидејќи тоа е од суштинско значење“, порача Санино, изразувајќи дека на декемврискиот совет ќе биде земена в предвид завршената работа во Пристапниот дијалог на високо ниво.

Вицепремиерот Теута Арифи рече дека денешната конференција е уште една можност да се испрати пораката за посветеноста на регионот кон ЕУ агендата.

„2012-та беше многу успешна година за Република Македонија поради позитивните постигнувања како резултат на Пристапниот дијалог на високо ниво“, рече Арифи.

„Очекуваме дека земјите-членки на Европската унија, особено тие од нашето соседство, ќе се раководат од заедничкиот европски интерес и во декември ќе успеат да постигнат консензус за да ја донесат одлуката за почеток на преговори со Македонија. Очекуваме од земјите членки на Европската унија да дадат фер-шанса на нашата земја за отпочнување на пристапните преговори кои Република Македонија ги има веќе одамна заслужено“, рече заменик-министерот за надворешни работи Зоран Петров во својот говор.

На конференцијата учествуваат преставници од земјите на западен Балкан, Турција, Бугарија, Грција и ЕУ тројката (Данска, Кипар и Република Ирска).