1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грст богати Македонци и маса сиромашни

Драматично осиромашување-од 2004 година наваму околу 30 отсто од граѓаните секоја година се класификуваат како сиромашни, соопшти државниот Завод за статистика. Социолозите предупредуваат од растечки социјални разлики.

default

На работ на егзистенција

Според истражувањата наведени во публикацијата „Граѓански засновани анализи“ на Штуловиот универзитет во Тетово од минатата година, 55 отсто од домаќинствата во земјата не можат да го врзат крајот со крајот. Односно, со својот вкупен месечен приход не можат да ги платат основните сметки и трошоците за живот. Ова е најважниот елемент на социјалната исклученост од економските текови, јавниот живот, од системот на пензиското осигурување, од образованието и медицинските услуги.

Владимир Божиновски, истражувач во Институтот за демократија од Скопје во еден свој труд за состојбите со сиромаштијата во Македонија, споредено со онаа во Европа, говори дека како сиромашни се сметаат оние лица, кои живеат со 75 евра месечно, или со помалку и од таа сума. Основната слика за актуелната социо – економска состојба во Македонија се заокружува кога ќе се каже дека во 2009 година згаснаа 30 илјади работни места, поради влијаењето на економската криза. Со тоа бројката на невработени во Македонија сега е 341 илјада лица.

DAZ Bildergalerie Thema Armut

И храната станува луксуз за одреден број луѓе

Министерот и социјалците со спротивставени погледи

Министерот за труд и социјална политика Џелал Бајрами вели:

„Насекаде има опаѓање на бројот на корисници на социјална парична помош: на почетокот на 2008 година имавме приближно 65 илјади корисници на вака помош, а сега на почетокот на 2010 година таа бројка изнесува околу 52 илјади лица. Се бележи благо опаѓање и на невработеноста.“

Во центарот за социјална работа во Тетово овие денови ходниците се преполни со корисници на социјална помош, кои ја обновуваат документацијата. Тие реагираат вака на изјавата на Бајрами:

„Министерот лажеше кога кажуваше дека опаѓа невработеноста во Македонија.“

„Невработеноста расте секој ден. Кога велат дека таа опаѓа само си прават маркетинг и политика“.

„Турканиците за социјална помош покажуваат дека луѓето осиромашуваат. Затоа тие чекаат. Се мачат тука, бидејќи немаат.“

„Треба да се отвораат нови работни места, нови фабрики, луѓето да можат да работат.“

„Чекаме веќе еден месец, доаѓаме, вадиме документи и само трошиме пари. Без врска.“ Вака реагираат граѓаните.

Професорката Сунчица Димитриовска од Институтот за социјална заштита и социјална работа на Филозофскиот Факултет на Државниот универзитет во Скопје, го изнесува следниот став:

„Сигурно е дека неинформираноста и неможноста да се донесат документи, кои ја регулираат семејно – материјалната положба на корисниците на социјална помош се дел од причините за намалување на бројката на социјалците.“

Со „хартиени“ стратегии нема успех

Македонската влада веќе изготви национална стратегија за борба против сиромаштијата, која ќе започне да се применува во оваа 2010, „Европска година за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост“. Марјанчо Тодоровски, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, укажува кои се приоритетите на споменатата стратегија:

„Основните постулати, односно области, кон кои се насочува стратегијата за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост, покрај другите, се и вработувањата, пристапот до пазарот на трудот, како и социјалната заштита на општествено најранливите групи.“

Bildgalerie Ursachen von Armut: Krieg

Димитриовска, како експерт за социјална заштита, вели дека Македонија уште во 2006 година има потпишано „Меморандум против социјалната исклученост“, а потоа и редица други меѓународни конвенции и документи во оваа област, но, и оти толкавата збирка хартија, сепак, не дава резултати:

„Ние имаме една стратегија против сиромаштијата, која е донесена уште во 2002 година. Но, едно е стратегија, а друго е она што се случува во Македонија, како и она што се случува надвор и кое има влијание врз економскиот развој. Слободно може да се каже дека сме на европското дно во поглед на сиромаштијата. Сигурно е дека не можеме да очекуваме дека ќе ја надминеме така лесно.“

Значајни ефекти од поддршката за самовработувањата

Владата веќе две години реализира програма со мерки за поддршка на самовработувањата особено на младите невработени лица, со цел да им помогне да ги одбегнат сиромаштијата и исклученоста од општеството. Со кредити и грантови – неповратна финансиска помош од 3 илјади до 4 илјади евра во 2008 година беа создадени две илјади нови работни места. За 2009 година Владата повторно прокламираше дека ќе издвои уште 6 милиони евра, за да се креираат уште 2 илјади работни места. Податоците не се сумирани, за да се констатира во колкава мера е исполнета оваа цел.

Mazedonien Land und Leute Tetovo

Тетово-помош за отворање сопствен бизнис

Во Тетово и Гостивар со помош на мерките за поддршка на самостојните бизниси за изминатите две години 450 лица сами си создадоа работни места. Повеќе е од сигурно дека би биле огромни потребите за ваква финансиска помош за сите стотици илјадници невработени во земјата. Сепак, и овие досега постигнати ефекти не се нималку безначајни. За тоа најдобро покажува примерот на Тетовчанката Маријана Ненчева: по 16 години безуспешно талкање низ евиденцијата на невработените таа си ја најде среќата, отворајќи свој дуќан за трговска дејност во Тетово. Ненчева посочува:

„Го отворам сега дуќанот и знам дека работам за себе. Ги плаќам сите давачки. И 20 евра да ми останат месечно, јас сум задоволна. Што е важно – стажот ми тече. Уште не сум почнала со отплатување на кредитот. Ќе почнам од април годинава, но, тоа не е некоја голема сума – 80 евра месечно.“

Се‘ на се‘, со олкава сиромаштија, тројно поголема од европскиот просек, Македонија на својот евроинтеграциски пат ќе мора да го редуцира овој негативен феномен на својата транзиција, на општествено подносливо рамниште. Со се‘ поголем број граѓани, „чии ресурси – материјални, културни и социјални се на ниво што ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат“, како што тоа заводот за статистика ја дефинира сиромаштијата, Македонија не ќе може да смета на општествен и економски развој. Експертите предупредуваат најдиректно на ова.

Mazedonien Land und Leute Mutter mit Kind in Skopje

Професорот Јорде Јакимовски од Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања од Скопје во една своја анализа во врска со оваа проблематика е концизен: „Сиромашните стануваат уште посиромашни, средните се спуштаат во долните слоеви, а се‘ помал дел од населението станува се‘ побогато“. Експертите и‘ препорачуваат на Владата да им посвети многу поголемо внимание на јавните програми за намалување на сиромаштијата и да формира посебен социјален фонд за обезбедување и насочување финансиски средства кон најсиромашните и социјално исклучени граѓани. Но, и дека е потребно,пред се‘, централната власт да спроведува стабилна макроекономска и секторска политика, која ќе обезбедува долгорочен економски пораст и развој што ќе отвора нови работни места и ќе овозможува намалување на сиромаштијата и нормален социјален живот во земјата.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска