1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грижата за јазикот е задача на секој граѓанин

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје со меѓународна научна конференција „Македонистиката меѓу традицијата и современите предизвици“ ќе одбележи 60 години од постоењето.

Јубилејот на Институтот за македонски јазик е повод Дојче веле да го праша дијалектологот, д-р Гоце Цветановски, кој е вршител на должноста директор на оваа институција - кои се најзначајните научни проекти што институтот ги реализираше во изминатите децении и што презема сега?

Цветановски вели: „Со своите 22- јца доктори на науки и тројца магистри на науки институтот е врвна институција со огромен потенцијал за научна дејност, но и за наставна дејност. Во последниве неколку години се започна и со изведување постдипломски студии. Во фокусот на активностите на институтот е Толковниот речник на македонскиот јазик, кој започна да се изработува во 2000-та година. Досега се издадени 5 томови, а се очекува и шестиот том. Со него македонскиот јазик ќе биде реализиран на планот на толковни речници, кои ги поседуваат и сите словенски јазици, а и воопшто јазиците коишто претендираат да бидат на светската мапа на јазици. Уште во 50-тите години од минатиот век, под раководство на академик Божидар Видоевски, беше зацртан уште еден крупен проект: 'Македонскиот дијалектен атлас'. Оттогаш досега се направени огромни теренски истражувања и допрва треба да се објавуваат резултатите во рамки на тој дијалектен атлас.

Mazedonien Buchhandlung in Skopje Bücher

Од 2009 година се формира уште еден проект, а тоа е ’Македонските дијалекти надвор од границите на Република Македонија’, со кој раководам јас. Спроведена е првата фаза од овој дополнителен проект: теренските истражувања во Пиринска Македонија. Веќе се во завршна реализација истражувањата за говорот во Банско. Материјалот е обработен и се очекува објавување на резултатите од овие дијалектолошки истражувања. Интензивно се работи и на речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција. Теренски истражувања се преземаат и на планот на ономастиката.“

Околу се‘ поголема негрижа за стандардниот македонски јазик во јавната комуникација, Цветановски оценува дека грижата за јазикот треба да биде основна цел на секој граѓанин:

„Литературнојазичната норма на стандардниот македонски јазик треба да се применува доследно и правилно во секоја ситуација, особено кога станува збор за официјални настани, при јавните настапи и во медиумите. Отстапувањата од нормата се очигледни во медиумите, односно, кај новинарите и водителите, кои ги водат јавните емисии. Тие директно влијаат врз јазичната свест и јазичната политика, што би требало секој граѓанин на Македонија да ја има предвид и да ја почитува. Апелирам да има поголема свест кај новинарите и водителите за употребата на стандарднојазичната норма. Тие би требало да имаат за тоа и соодветни обуки. Своевремено во Македонската радиотелевизија задолжително постоеше обука, меѓу другото, и за дикција, за изговор, преку која новинарот здобиваше општа наобразба и на тој начин можеше да стане водител на емисија, или спикер. Голем дел и од политичарите не ја почитуваат стандардната норма на македонскиот јазик. Во одредени земји во светот не може секој да стане народен пратеник, ако не ја познава таа норма. Кај нас со закон не се пропишани такви одредби. Ова би требало да се реши системски, во рамки на законските одредби. Политичарите би требало да водат посебна грижа за стандардниот македонски јазик, бидејќи тие се претставници на народот. Тие треба да бидат пример за грижата за примената на македонскиот јазик. Кај младите забележуваме се‘ почеста тенденција на употреба на туѓи зборови, на жаргонизми и сленг. Сето тоа влијае врз стандарднојазичната норма. Грижата за македонскиот јазик треба да му биде основна цел на секој Македонец. Секој зборувач на македонскиот јазик треба да има изградена свест и совест за неговата практична примена, бидејќи тој е се‘ уште единствен официјален јазик на целокупната територија на земјата. Треба да се почитува нормата на тој јазик, кој би требало да биде кохезионо, обединувачко средство за сите граѓани на Македонија на целата нејзина територија, а не предмет на преиспитувања и раздори. Колку повеќе се почитува нормата, толку повеќе имаме изградена свест за нација, толку повеќе се вклучуваат и сите етнички заедници во градењето на таа држава. Тоа не значи дека се ускратуваат правата на малцинствата, напротив. Основната задача на Институтот за македонски јазик е да укажува на овие работи и постојано да повторува на целта за која е и создаден: грижата и афирмацијата на македонскиот јазик.“

NO FLASH Zensus in Mazedonien

Секој зборувач на македонскиот јазик треба да има изградена свест и совест за неговата практична примена, вели Цветановски

Советот за македонски јазик на РМ набележа како потреба „да и‘ се даде приоритет на академската дескриптивна граматика, во која ќе бидат вградени новите научни сознанија во македонистиката на сите рамништа на јазикот: фонологија, морфологија, синтакса, зборообразување, лексика“. Академикот Зузана Тополињска укажа дека е потребно да се „подготви обемна, конкретна, кохерентна академска граматика на македонскиот јазик“. Лани и годинава имаше гласини во јавноста дека, наводно, ќе се прави „ревизија на граматиката на Блаже Конески“. Првиот човек на Институт за македонски јазик коментира:

„Јас лично како научник, не како директор на овој институт, можам да кажам во врска со граматиката на Блаже Конески дека денес таа е актуелна и целосно функционална и оти ги задоволува потребите на еден стандарден јазик. Граматиката на Конески, поставена врз научни принципи, е применлива и докажана веќе толку многу децении, што не знам во која насока би можело да се постави прашањето на промените во таа граматика. Нејзините натамошни истражувања треба да се засноваат врз поставките на Конески. Продлабочувања заради доуточнувања на некои прашања можеби би биле потребни. Но, ниеден научник не почнува од нула, така и нашиот Конески не почнал од нула. Тој ги дефинирал постулатите во поглед на стандарднојазичната норма и направил толку успешна граматика, што со неа бил многу пред своето време. Неговата граматика функционирала, функционира и ќе функционира и натаму. Можеби некој друг ќе посака да направи некоја друга граматика, но тоа не треба да значи да се оспорува делото на Блаже Конески. За се‘ што ќе се прави треба да се има предвид претходно стореното. Една македонска народна поговорка вели: ‘Нов бунар копај, но во стариот не плукај.’ Токму така е и во науката: секој научник треба да има предвид дека од него не започнува науката, туку оти таа се развива во континуитет.“