1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Греми за животно дело за Крафтверк

Крафтверк рамо до рамо со Битлси. Култниот германски бенд ќе ја добие наградата Греми за животно дело. Доцно признание за еден проект кој го промени текот на поп-музиката.

„Оваа уникатен и талентиран состав ги создаде некои од највлијателните дела во историјата на модерната музика. Нивното наследство е легендарно и вонвременско, а нивната креативност и натаму ќе ги инспирира и ќе влијае на идните генерации.“ Со овие зборови Националната академија на дискографска уметност и наука од Лос Ангелес ја образложи овогодинешната награда Греми за животно дело која вечерва (26.1.) ќе му биде доделена на германскиот бенд Крафтверк.

Човек-машина

Дали Ралф Хитер и Флоријан Шнајдер во 1970., кога го започнаа проектот Крафтверк предвидуваа дека за повеќе од 40 години институцијата која го доделува дискографскиот пандан на Оскарот на овој начин ќе зборува за нивната работа, е тешко да се замисли. Но едно е сигурно: на создавачите на Крафтверк никогаш не им недостасувала самодоверба. Од 1968. година кога го започнаа проектот „Организација“ па до појавувањето во јавност со албумот „Аутобан“ во 1974., групата од Диселдорф имаше тешкотии да ја увери публиката во она што го работи. А тоа што доаѓаше од легендарното Клинг-Кланг студио во близина на главната железничка станица во Диселдорф звучеше како да доаѓа од некој друг свет.

„Од самиот почеток сакавме да правиме електронска музика за широки народни маси. Нашата музика е музика на иднината за компјутерскиот период“, и ја објаснуваше Флоријан Хитер на јавноста работата на својот Крафтверк за кого отсекогаш го избегнувал поимот „бенд“, бидејќи Крафтверк од самиот почеток беше проект на двајца визионери кои намерно избегнуваа себеси да се нарекуваат музичари туку зборуваа за „музички професионалци“. И настапите во живо од крајот на седумдестите се сведуваат на редукција на сѐ „живо“ и „хумано“ на бината сѐ додека во еден момент изведувачите во потполност не ги заменија машини-роботи.

Рамо до рамо со Битлси

Кон митот Крафтверк придонесе и таинственоста: во централата на Крафтверк студиото Клинг-Кланг во Диселдорф, пристап имаат само мал број избрани, интервјуа со членовите на „бендот“ се реткост а кога ќе дојде до нив, на новинарите на разговор им се праќаат роботи. Во 2009. година еден од основачите на Крафтверк, Флоријан Шнајдер го напушти проектот и од тогаш зад кормилото седи Ралф Хитер кој самиот стана Крафтверк и неодамна најави дека и своето име ќе го смени во име на проектот на кој му го посветил најголемиот дел од животот. Хитер моментално фановите ширум светот ги развеселува со 3Д настапи.

Deutschland Musik Flash-Galerie Band Kraftwerk

Дали Хитер ќе се појави на доделувањето на Греми рамо до рамо со Пол Мек Картни и Ринго Стар не е познато. Во секој случај Рекординг Академијата во образложението за наградата на списокот музичари на кои Крафтверк извршиле огромно влијание ќе ги спомене и Бјорк, Дејвид Боуви, Дафт Панк и Депеш Мод, како што стои во официјалното соопштение. Но списокот на музичари и на цели поп правци како хип-хопот на кои пресудно влијаел електро-звукот на Крафтеверк е многу подолг. Токму на денот кога Крафтверк во Лос Ангелес ја прима почесната награда за животно дело, во Келн, еден од поранешните членови на Крафтверк Карл Бартос ја започнува својата соло турнеја на која ќе изведе и многу класики на Крафтверк како „Модел“ или „Тур де Франс“. Во разговорот за весникот „Велт“, Батрос изрази гордост што на Крафтверк ќе му биде доделена Греми награда за животно дело и го објасни своето мото кое го држи уште од денот кога со Крафтверк во 1975. го сними легендарниот албум „Радио Активити“: „Јас не верувам во Бог туку во музиката.“