1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Граѓанска војна поради Берлускони?

Дали правосилната пресуда против Берлускони сепак ќе значи распад на италијанската влада? Земјата по којзнае кој пат е заложник на овој политичар и бизнисмен. Неговите следбеници зборуваат дури за граѓанска војна.

Силвио Берлускони е мајстор за настапи во јавноста, тој добро ја знае старата изрека, според која лош публицитет е подобар од никаков, што деновиве го користи до крајни граници. Пресудата за затајување данок уште еднаш го стави во центарот на вниманието на италијанската јавност, а од него повторно зависи и иднината на националната влада, која, по којзнае кој пат стои на стаклени нозе. Неговата медиумска империја во лето обично известува за сезонските активности на познатите личности, кој каков бикини носи, каде летува, со кого ја дели постелата. Но, овој август самиот шеф е во главна улога, со неговата политичко правосудна драма која може да доведе до распад на актуелната влада.

Самата пресуда не го погоди многу Берлускони: четири години затвор, намален на една година, која поради возраста на екс-премиерот (76 години) и така ќе биде преиначена во куќен притвор или општествено корисна работа. Бидејќи казната треба да ја отслужува од октомври, му останува доволно време да ја прокрстари земјата и да ги мобилизира приврзениците.

Pro Berlusconi Event in Rom

Приврзениците на Берлускони на протести против пресудата против него

„Историски момент“

И неговите следбеници и противниците во пресудата против Берлускони гледаат историска пресвртница. Човекот кој доминираше во италијанската политика од 1994 година наваму, треба до октомври да се повлече од сите политички функции. Оние кои ја фалат судската одлука, се надеваат дека сега шанса ќе добијат другите политички протагонисти. Оние „верните“ на Берлускони, исто така пресудата ја сметаат за историска. Поранешниот министер за култура Сандро Бонди во писмо, што го објави весникот на Берлускони, „Л‘Џорнале“, напиша дека „земјата може да стане плен на дивиот варваризам и во секој момент да експлодира“. Бонди се закани и со граѓанска војна. Не требаше долго да се чека на реакција.

Играње со оган

Заканите на Бонди на Твитер предизвикаа бура протести. Многу противници на Берлускони правеа шеги на сметка на изјавите на Бонди, кои остро ги критикуваше и Демократската партија на актуелниот премиер, Енрико Лета. Една од челниците на оваа партија, Лоренца Бонакорси, изјавите на Бонди ги нарече „неприфатлива провокација“, а пратеникот во парламентот и писател, Пино Писичио, ја предупреди партијата на Берлускони дека си игра со оган и со судбината на италијанската демократија.

Italien Enrico Letta wird als Ministerpräsident vereidigt

Дали се ниша сепак владата?

Реформа на правосудниот систем

Според медиумите, самиот Берлускони се обидел кај претседателот на државата, Џорџо Наполитано, да изнуди некој вид помилување кое би му допуштило извршување на политичките функции и за време на издржувањето на казната. Тој обид пропаднал, но Берлускони наводно му ветил на претседателот дека нема да ја дестабилизра владата. Но, партијата на Берлускони истовремено повика на реформа на правосудниот систем, за да ја осигура политичката иднина на својот шеф, имајќи ги веројатно во вид и останатите процеси кои му се закануваат.

Опозицијата со потсмев гледа на маките на владејачките партии, Демократската партија и Народот на слободата. Роберто Фико од партијата на поранешниот комичар Бепе Грило, Движењето пет ѕвезди, вели дека двете партии потсетуваат на „љубовници врзани во љубовната игра и кои еден со друг толку се стегаат, додека не се задушат“, односно додека двете партии не умрат. По краткиот престој на сонце на својот луксузен имот во Сардинија, Берлускони се враќа на сцената за дополнително да ги мобилизира своите гласачи. Политичката криза можеби досега беше избегната, но есента веќе ги најавува своите сенки, а од можниот политички крах Италија ја делат само неколку месеци.