1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Граѓанската војна во Сирија станува верска

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун бара крај на борбите во Сирија и предупредува од опасноста од верски мотивирана граѓанска војна. Завојуваните страни во Алепо јавуваат за свои успеси.

Конфликтот во Сирија добива конфесионална компонента. Со кланот на Башар ал-Асад се шиитските алавити, додека повеќето бунтовници се сунити. Опозицијата има само мала поддршка од христијаните. „Верски мотивирана граѓанска војна ќе ги загрози и соседите на Сирија“, предупреди во Њујорк генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. Тој побара борбите веднаш да престанат, зашто „со секој ден на вртење на спиралата на насилство се убиваат се‘ поголем број Сиријци, се‘ поголем број од нив се повредени, измачувани или принудени на бегство од домот или од земјата“.

Американската влада смета дека ситуацијата во Сирија сериозно ескалира. Претседателот Барак Обама разговарал телефонски со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган околу тоа како да се забрза политичкиот премин во Сирија, а договорена е и координација на хуманитарната помош за сириските бегалци, соопшти Белата куќа.

Во меѓувреме, во економската метропола Алепо, продолжуваат борбите на владините трупи и бунтовниците. Големата офанзива на силите на Асад влегува во четврти ден, а според извештаите на агенциите, судирот добива на бруталност, поради тоа што двете страни употребуваат тешко оружје. Нема точни податоци за бројот на жртвите. Се‘ поголем е бројот на луѓето кои бегаат од завојуваното подрачје.

Повторно е пукано врз невооружените набљудувачи на ОН. Според информации на шефот на мисијата, генерал Бејбакар Геј, нападот се случил во Хомс, уште во неделата (29.07). Конвојот на ОН бил нападнат двапати, но благодарение на блиндираните возила, не е повреден никој.

Во текот на денешниот ден (31.07) во Каиро треба да се состане опозициониот Сириски национален совет, кој ќе разговара за основање преодна сириска влада во егзил. „Ќе има претставници на сите опозициони групи. Минатата недела разговаравме со генералите на ’Слободната сириска армија’ во еден турски камп на границата“, изјави член на Советот за агенцијата ДПА.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ја повика опозицијата да се изјасни јасно за демократија. „На средбата во Каиро различните струења во опозицијата недвосмислено треба да кажат дека нивен заеднички именител во борбата е демократска и плуралистичка Сирија, во која свое место ќе имаат и малцинствата како христијаните“, изјави Вестервеле за денешното издание на „Рајнише Пост“.