1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Граѓаните сакаат, ама уште е рано

Политичките партии и експерти во Македонија мислат дека не е време за менување на изборните затворени кандидатски листи со отворени, во кои гласачите имаат поголемо влијание за конечниот редослед на партиските членови.

default

Отворените кандидатски листи ќе почекаат

Предизвиците и ставовите во врска со менување на изборното законодавство во Македонија беа изнесени на еднодневната Национална научна конференција: „Претставување и одговорност - отворени или затворени кандидатски листи?“, во организација на Националниот демократски институт (НДИ).

Во прилог на идејата за воведување отворени изборни листи НДИ презентираше анкети направени во Македонија од ИРИ во септември и декември минатата година, според кои граѓаните сакаат воведување отворени изборни листи. Речиси 60 отсто од над 1.000 испитаници во двете анкети се изјасниле дека би се согласиле со ваква промена на изборниот систем.

Перфектни системи нема

Ким Кембел, поранешен премиер на Канада и прва жена премиер во оваа земја во своето обраќање укажа дека граѓаните наскаде во светот би сакале да имаат поголемо влијание врз политиката на властите, но и оти политичарите треба да учат и да ги доразвиваат своите идеи преку разговори и средби со нив.

„Од анкетите што денеска беа објавени првпат е јасно дека во Македонија кај јавноста постои поголем интерес за еден поотворен систем. Земјите созреваат со созревањето на нивните институции. Тоа се постигнува со пракса“, изјави Кембел посочувајќи дека е потребно трпение.

„Верувам дека Македонците и другите граѓани на оваа држава имаат доволно големо искуство да направат добри избори и соодветен систем, изјави таа. Перфектни системи нема“, додава Кембел, посочувајќи дека и во нејзината земја и во САД постојано има дебати за изборното законодавство.

Подобро да се почека

Владејачката партија смета дека постојниот изборен модел не е идеален, но дека во овој момент е еден од најдобрите модели што може да се применат во Република Македонија бидејќи има неколку предности.

Mazedonien Wahlen 2009

„Овозможува локална и регионална застапеност, рамноправна застапеност на двата пола, застапеност на етничките заедници вклучително и на помалите заедници и ја претставува различноста во државата“, изјави Александар Николовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Системот на отворени листи, според него е неприменлив бидејќи покажал слабости во применувањето.

Најголемата опозициска партија СДСМ, според потпретседателот Гордан Георгиев, во принцип не е против воведување на одреден модалитет на отворени листи, но цени дека македонскиот политички контекст е премногу млад, во смисла на политичка култура, за да се разговара за отворени листи. „Прерано е да се разговара за воведување на некаков модалитет на отворени листи“, вели Георгиев.

Според универзитетскиот професор Рената Дескоска предноста на отворените листи е што се зголемува демократскиот легитимитет на пратениците и оти граѓаните добиваат поголемо влијание врз тоа кој ќе биде избран за пратеник.

Дескоска смета дека во Македонија, каде се уште постои семејно гласање и притисоци, отворените листи би можеле да значат и можност за уште поголем притисок врз граѓаните.

На конференцијата учествуваа претставници на сите политички партии во Македонија, на научната јавност, експерти, претставници на невладините организации и медиумите.

Автор: ЖА/БГ/миа

Редактор: Александра Трајковска