1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Граѓаните на ЕУ најчести жртви на трговијата со луѓе

Романци, Бугари, Унгарци се најбројни жртви на трговијата со луѓе во ЕУ. Жените, притоа, се првенствено жртви на сексуално искористување. Други причини за трговијата се илегалните посвојувања на деца и присилните бракови

„Трговијата со луѓе е вид на модерно ропство“ - оваа дефиниција на ЕУ за мнозинството Европејци не е никакво изненадување. Но, она што изненадува е фактот дека најголем број жртви на трговијата со луѓе во рамки на Унијата се самите граѓани од овие земји.

„Честопати мислиме дека жртвите се лица кои доаѓаат од некои трети земји, но тоа не е така. Мнозинството се државјани на некои од земјите на ЕУ. Со нив се тргува како со стока, а сторители се членови на криминални мрежи. Но и клиентите кои ги користат „нивните услуги“ се исто така државјани на некоја ЕУ земја“, вели Мирја Василиаду, координатор за сузбивање на трговијата со луѓе при Европската комисија.

Според извештајот на Евростат, дури 61 отсто од идентификуваните жртви на трговија со луѓе во текот на 2013. година ги сочинувале граѓани на ЕУ. Слични бројки покажува и статистиката на Европол. Меѓу 2009. и 2013. година, жртвите најчесто биле државјани на земји од ЕУ: 40 отсто Романци, 18 отсто Унгарци и 11 отсто Бугари.

Myria Vassiliadou

Мирја Василиаду

Жените најчести жртви

Најголем процент од жртвите сочинуваат жени и девојчиња. Мнозинството од нив биле и жртви на сексуално насилство и искористување. Според Евростат, во периодот од 2008 до 2010. година дури 62 проценти од жените биле изложени на сексуална злоупотреба и насилство.

Голема улога во идентификацијата и помош за жртвите на ова насилство играат разни невладини организации. Само во Германија постојат вкупно 37 такви организации и советувалишта кои се залагаат и ангажираат за сузбивање на трговијата со жени. „Токму невладините организации беа тие кои овој проблем го поставија на политичката агенда пред десетина години“, вели Наиле Танис, една од раководителките на организацијата КОК- Координација за борба против трговијата со жени.

Таа додава дека овие организации како свои соработници имаат и голем број лекари, адвокати и други стручњаци кои им помагаат на жените при нивното заминување во некоја држава или враќањето во татковина. Танис вели дека меѓу жртвите има и Германки кои се жртви на трговија во рамките на земјата.

Тесна врска меѓу трговијата и проституцијата

Porträt - Naile Tanis

Наиле Танис

Мирја Василиаду вели дека без разлика на законите, во сите 28. земји членки на ЕУ постои трговија со луѓе, која се поврзува и со проституцијата. „Европската комисија утврди директна врска меѓу трговијата со луѓе и проституцијата. Се работи за многу ризична група“, вели таа.

По сексуалното искористување, како мотиви за криминалната трговија со луѓе се наведуваат и присилната работа, нелегално одземање органи, нелегално посвојување деца, како и присилно склопување на бракови.

Иако бројот на идентификувани жртви последниве години е зголемен, ЕУ поаѓа од тоа дека вистинската бројка е всушност далеку повисока. „Мора да се стори многу повеќе за да се реши овој проблем“, вели Василиаду. Еден од тие чекори е и прифаќање на директивите на ЕУ поврзани со борбата против трговијата со луѓе. Досега само 20 земји го имаат сторено тоа, а последниот рок истекува за две години. Меѓу земјите кои не ги усвоиле директивите е и Германија.

Василиду поради тоа се сомнева дека следниот извештај на Еуростат на оваа тема ќе биде уште понегативен. Актуелната економска криза ги прави луѓето уште поранливи и посиромашни, што пак ги прави полесни жртви за мрежите на криминални групи. „За мене не игра никаква улога дали жртвите се граѓани на ЕУ или не. Жртви се жртви. А нашата, во најмала рака, правна задача, е да преземеме чекори за тоа да го сузбиеме“, вели Василиаду.