1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Граѓаните бегаат од Дамаск

Стотици жители на Дамаск денеска го напуштиле градот поради судири и бомбардирање на одделни квартови. Сириски безбедносни извори изјавиле дека војската го повикува населението да ги напушти воените зони.

Судирите од одредени населби на Дамаск се одигруваат ден откако беше изведен бомбашки напад врз зградата на сириската безбедносна служба во кој загинаа тројца високи воени функционери, меѓу кои и зетот на претседателот Башар ал-Асад.

„Борбите се многу жестоки и веројатно ќе продолжат идните 48 часа, за Дамаск да биде исчистен од терористите пред почетокот на Рамазан (месец на муслиманскиот пост кој почнува утре - н.з.). Војската досега беше воздржана во судирите, но по овој напад се одлучи да го употреби сето оружје што и’ стои на располагање за да се пресмета со терористите“, изјавил соговорникот на агенцијата AFP од редот на сириските безбедносни служби.

Според изворот, „војската на граѓаните им упати повик да се оддалечат од борбените зони додека терористи сакаат да ги искористат како жив штит“. Според податоците на Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, чиишто соопштенија западните медиуми редовно ги пренесуваат, додека руската страна ги смета за невалидни, од неколку населби на Дамаск своите домови ги напуштиле „повеќе стотици жители“.

Според Опсерваторијата, во средата повеќе од 200 цивили биле убиени во судирите во Сирија, меѓу кои 38 во Дамаск, каде од неделата започнаа престрелки меѓу војската и бунтовниците.

Опсерваторијата тврди дека загинале најмалку 214 лица, меѓу кои 214 цивили, 62 војника и 28 бунтовници, не сметајќи ги тројцата високи функционери убиени во нападот, заменикот на министерот за одбрана и шура на претседателот Асад, Асеф Шавкат, министерот за одбрана Дауд Раџа и командантот на кризниот штаб за задушување на бунтот, Хасан Туркмани.

Според западни извори и сириската опозиција, сирискиот претседател Башар ал-Асад заминал за крајбрежниот град Латакија, од каде што ги координира операциите против бунтовниците. Меѓутоа, западните медиуми се контроверзни по прашањето дали Асад за Латакија отпатувал пред или по нападот.

„Според нашите информации, Асад се наоѓа во својата палата во Латакија и таму би можел да се задржи неколку дена“, изјавил за Ројтерс висок по ранг функционер на сириската опозиција кој сакал да остане анонимен.

Дворецот во кој Асад порано отседнувал и од каде ги водел државните работи се наоѓа на брегот во близина на Латакија, главното сириско пристаниште. Западен дипломат кој го следи развојот на ситуацијата во Сирија изјавил дека јавноста сега е во очекување колку Асад добро ќе успее да ги води командните структури. Во покраината Латакија, инаку, се наоѓаат неколку градови во коишто живеат припадници на малцинската алавитска заедница на којашто и’ припаѓа и Асад.