1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Гран при на Евровизијата - политика за широките народни маси, спакувана во гламур

Оваа мајка на сите шоуа на стариот континент ја следат околу 35% од Европејците од Финска до Италија и од Ирска до Австрија. А во неа сепак не се содржи само забава и обид да се создаде заеднички музички вкус во Европа, туку и по доста политика

Проба на музичарите во Истанбул

Проба на музичарите во Истанбул

Оваа сабота во мај е секоја година еден вид светост за милиони Германци. Тие канат гости, се подготвува мала закуска и точно во 21 часот сето внимание му се посветува на телевизорот. Бомбастични фанфари го најавуваат веднаш на почетокот најуспешното забавно шоу во Европа.

Неговите почетоци се во далечните темни времиња по Втората светска војна, кога јавните радио сервиси се обидуваа да најдат нешто што ќе биде нов симбол за мирен соживот на народите на стариот континент и ќе помогне да се заборават стравотиите на војната. Јан Федерсен, новинар и публицист, која има напишано и книга за историјата на Песната на Евровизијата, вака се сеќава на почетоците:

“Прво имаше идеја за создавање вистински циркус, а потоа дојде друга идеја да се направи нешто заедничко на полоето на спортот. На крајот сепак беше постигнат договор за музиката и од тој зародиш со текот на годините израсна натреварот за Песна на Еврвозија. Тоа беше европска идеја, која меѓу другото требаше да и спротистави нешто на американизацијата на поп-сцената.“

Во 50-тите и 60-тите години со Гран-прито доминираа едноставни балади, кои носеа и силни национални обележја на земјата од која доаѓаа. Пеачките мораа да бидат мали, слатки и пристојни за да и се допаднат на публиката. Тие не смееа да носат пантолони, а и должината на здолништето можеше да има големо влијание врз успехот:

“Тогаш на жените им се даваа помалку поени, ако се осмелеа да се појават на бината со премногу кусо здолниште. Ова важеше посебено за гласовите од строго католичките земји од југот на Европа.“

Таквиот тренд секако се измени со доаѓањето на студентските протести од 68-мата. И во содржините на песните не беше повеќе тема само љубовта и болката, туку се почесто мирот, проблемите со загадувањето на човековата околина, еманципацијата на жените. Ваквото политизирање на темите соодветствува и на улогата што ја играа политичките односи меѓу земјите. Така во времето на диктатурата на Франко, Австрија на пример, и даваше редовно помалку поени на Шпанија. Грција и Турција се “честеа“ редовно со 0 поени во ерата на конфликтот околу Кипар. А Германија редовно му даваше на претставникот на Израел многу поени, како симбол на желбата за помирување по стравотиите на холокаустот:

“Натрпреварот за Песна на Евровизијата навистина ги отсликува политичките односи. Така, на пример, ако погледнете дали Турција и Германија си даваат взаемно поени, тогаш гледачите од тоа исчитуваат какви се односите меѓу двата народа. Оваа манифестација навистина посредува многу политика, па дури би рекол дека на овој посреден начин политиката добива многу поголемо значење, отколку кога некој би зел да чита весник“ - смета Јирген Мајер Беер, одговорен за натпреварот од германска страна.

Значи, продолжение на надворешната политика со други средства или политика за широките народни маси, спакувана во гламур – така би можела да гласи најкусата дефиниција на натпреварот за Песна на Евровизијата. Тоа е своевиден сеизмограф на Европа!